„Мора да имаме свој сопствен сон. Тој е различен за секого. Тоа не значи дека ние фантазираме. Сонуваме за да најдеме смисла во секојдневието“, вака го започна разговорот со нас актерката Дона Димовски Кантаровски, која повеќе години живее и работи во Австралија. Таа беше дел од најновиот филм на режисерот Горан Столевски „Of an age “. Освен филмското платно, ја освојува и театарската сцена, па така минатата година беше дел од неколку театарски претстави меѓу кои „Калигула“, „Жените од Троја“ и други.
Дона исто така работи и на афирмација на македонскиот јазик. Повеќе години е член на Литературното друштво Кочо Рацин во Мелбурн, а од 2022 и секретар на истото. Предава и како наставник по македонски јазик во училиштето за јазици во Викторија.
Како професионална актерка во Битолскиот народен театар беше дел од повеќе од 30 претстави. Во текот на својата актерска кариера има добиено голем број признанија од кои позначајни се наградите за Најдобар млад актер ‘Трајко Чоревски‘ за улогата Ленче во драмата Бегалка од Васил Иљоски (НТ Битола), и најдобро актерско остварување во драмата Мајсторот и Маргарита за улогата Маргарита (НТ Битола).
Колку е важна меѓусебната поддршка помеѓу жените?
Д.Д.К.- Меѓусебната поддршка помеѓу жените значи да се инспирираме една од друга, да се подржуваме во секоја идеа и бидеме горди на своите придонеси во избраната професија, но и дома, да се охрабруваме да ги оствариме своите соништа и да ги прославуваме малите и големите победи.
Што те мотивира во работата да продолжиш понатаму кога ќе се појават проблеми?
Д.Д.К.- Кога ќе се појават проблеми во работата тогаш најважно е да се насочи фокусот на себеси. Тоа јас го нарекувам self talk, да се насочат проблемите кон нивно решение. Во најтешките моменти си поставувам себеси прашања која е мојата цел? Мојата страст кон работата ? Тука сум заради некоја причина? Во тој момент ќе добијам самодоверба, ќе се појави желба да се најде начин да се надмине било каков проблем, затоа што само со позитивен mind set може да ми се подобрат проблемите.
Зошто е важно да се живеат своите соништа и зошто е важно да не се откажуваме од истите?
Д.Д.К.- Мора да имаме свој сопствен сон. Тој е различен за секого. Тоа не значи дека ние фантазираме. Сонуваме за да најдеме смисла во секојдневието. Сонуваме за животот да ни биде поубав, некој сонува да биде поуспешен во кариерата можеби, некој сонува да запре војни. Не е важно дали нашиот сон е мал или ни се чини недостижен. Паметам наслов на една престава која се викаше “Животот е сон’ токму така. Тие стануваат реалност, но само со верба во себе.