Жените се најсилни кога се поддржуваат една со друга. Инспирација за многу теми, книги, песни.По повод празникот на жената 8-ми март, ние одлучивме да поразговараме со неколку жени лавици, битолчанки кои храбро чекорат низ полето наречено живот со насмевка и сила која мотивира, инспирира, дава полет. Секој ден во текот на една недела, почнувајќи од денес, се дружиме со битолчанките кои не само во Битола, туку низ Македонија и низ целиот свет, успешно го претставуваат она што значи Жена во вистинска смисла на зборот.
Оваа приказна, ова патување го започнуваме со драматургот Билјана Крајчевска.
Колку е важна меѓусебната поддршка меѓу жените?
Б.К.- Живееме денес кога времето „пребрзо поминува“ и живееме овде – во општество во кое владеат загрозеност, предрасуди, нетолеранција, недоверба и каде постојано нѐ бомбардираат со информации, па така што не само што сме збунети туку сме и неповрзани со себе си и со другите. Токму овде, каде само номинално се говори за некакви (човечки) права и права на жената, меѓусебната поддршка, конкретно меѓу жените, е суштинска, и не е само една активистичка нота и утеха и нови пријателства за „борба“, туку претставува индивидуална и колективна одговорност која постојано нѐ потсеќа дека не треба да се излегува во пресрет само во „трагедии и беспомошност“. Таа поддршка почнува да се гради од семејството (баба, мајка, сестра, тетка), од пријателствата, од образованието (учителката, професорката, колешките), од работната средина, преку уметноста (ликовите од книгите, писателките).Од љубовта.
Така што, поддршката се однесува и на „давање “ на простор и слобода на личноста и нејзината креативност и пред сѐ и да бидеме емотивно достапни и свесни дека на тој начин би имале здраво и среќно општество. Зашто една од „улогите“ на жената, поради нејзиното разновидно животно искуство, е повеќегласноста – преку неа да говорат и жените „пред неа“со своите „приказни“, па со испишувањето на тој „дијалог“ да поттикнуваме „мали борби“ за „големи промени“.
Што те мотивира во работата да продолжиш понатаму, кога ќе се појават проблеми?
Б.К.- „Чудото -живот“ е доволно да се обидуваме секој ден повторно. Да се мотивираме од нашиот контекстот на светот. Некогаш мотивацијата е лек, но некогаш е борба. Можеби во „напади на многу проблеми“ за мене факторот одговорност е клучен за мотивација, но најмногу ме мотивира можноста за истрајноста: да погледнеме и да ги поставиме работите повторно и одново. Од почеток.
Зошто е важно да се живеат своите соништа и да не се откажуваме од истите?
Б.К.- Секој треба да се обиде да ги „живее своите соништа“ иако тие постојано добиваат нови форми и даваат нови насоки со секојдневното спознавање на себе си, со созревањето, со искуството, со надоградбата, со уморот… Во еден момент се прашуваме и дали сме тоа ние или идејата за нас (она што сакаме да бидеме) е она што нѐ води и осмислува. Сепак,ако не се „сонува“ Создавањето, во секоја смисла, би било недостижно.