Стручното жири од 20 членови на BEAM – Best Event Awards Macedonia и нивните организатори на фестивалот „Илинденски денови“ во организација на НУ. Центар за култура Битола му додели: ,,Награда за најдобар настан на државна институција за 2022 година”. Само за потсетување 52. издание на фестивалот кој го слави фолклорот и традицијата понуди 13 фестивалски денови , во кои Битола стана една светска крстосница на култури, народи, бои, ритми, јазици, а секое ќоше на Широк сокак, Старата битолска чаршија, Хераклеа, градскиот парк, нудеа различни доживувања кои низ бројки и факти би изгледале вака:
-61 настан во офф и генералната програма на фестивалот,
-1.300 учесници и гости,
-8 земји учеснички и тоа вкупно 36 ансамбли од кои 26 ансамбли од Македонија,останатите од Шпанија, Мексико, Колумбија, САД, Полска, Италија, Србија,
-3 паралелни сцени и целиот град претворен во отворена сцена за настап,
-9 концерти на интернационалните ансамбли на платото на Офицерскиот дом Битола и на плоштадот Магнолија наречени -Фолклорна прошетка низ светот,
-3 Целовечерни концерти и тоа: -Концерт на Ансаблот на македонски народни игри и песни ,,Танец” и Влатко Стефановски во Херајлеја,
-Мултимедијален проект за градската култура-изложба и концерт во изведба на ансамбл Македонија Скопје, и Танцовиот театарски перформанс Популус на авторот Филип Петковски.
Во рамките на официјалните вечери се :7 Изложби, неколку проекти од издавачка дејност, семинар на традиционална музика и игра, мастерклас на американски фолклор, детска ликовна работилница на тема Народната култура -трајна инспирација која траеше 3 дена , ја посетија над 50 деца, секојдневни дефилиња по Широк сокак од кои најголемо со 52 годишна традиција е дефилето на свеченото отворање кое Широк сокак го претвора во фолклорна разгледница.
Фестивалот Илинденски денови стана организатор на Интернационалниот етнографски филмски фестивал, кој прикажа 11 филмски наслови од кои 6 беа долгометражни. Селектор на фестивалот е познатиот македонски новинар кој живее во Франција, Тони Гламчевски и кој заедно со својата сопруга таму организираат филмски фестивал кој ги надмина нивните национални граници. Оттука и сериозноста на овој проект, кој со таа поддршка оттаму, дава сериозни намери и за локалната домашна филмска продукција да го негува етно жанрот, зошто конечно истиот доби и свој фестивал. Фестивалот ќе остане запаметен по огромна бројка на млада публика, нешто што било реткост на овој стар Фестивал. Мотото на фестивалот е оправдано • Од коренот до цветот•
Ако во 1971 година идејата беше револуционерна за фестивалот, оттогаш до денес фестивалот има еволутивен тек и зад него стојат генерации на луѓе кои вградиле многу. Овој фестивал не е само фестивал во традиционална смисла на зборот, каде што некои мислат дека ќе дојдат, ќе заиграат и ќе заминат, овој е фестивал кој чува и поттикнува на истражување, инспирира, креира, едуцира и создава нови вредности. Заради сето тоа денешната слика на фестивалот е прекрасен мозаик од традиција, која потекнува од корените и од цветовите кои што ги сочинуваат креативноста и луѓето од овој фестивал. Ова е фестивал кој привлекува публика не само од Битола и регионот, по него носталгично копнеат и нашите иселеници, за кои минатата година бепе ренесувана во живо на интернет атмосферата од Дефилето по Широк Сокак, свеченото отворање и затворање на фестивалот.
Ова е фестивал кој потсетува дека културата е најголемиот амбасадор, и ги надминува сите граници, јазични и религиски бариери, ова е фестивал со кој израснале генерации и генерации битолчани, фестивал кој ги надмина сите предизвици, вклучително и Корона предизвикот кога светот застана, но не и фестивалот. Се случувал и ќе се случува, затоа што кога се помислува на лето во Битола, во асоцијацијата нераскинливо се врзува и фестивалот Илинденски денови.
На крај би констатирале дека 52 издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри ,,Илинденски денови” отвори нови хоризонти за развој и афирмација, како и успешна презентација и заштита на меѓународното и домашното нематеријано културно наследство.
Фестивалот е дел од годишната програма од национален интерес на Министерство за култура, своја поддршка добива и од општина Битола. Овој фестивал е дел Меѓународната организација на фолклорни фестивали-ЦИОФФ.