На едно место, синергично се споија ликовната и музичката уметност, преку изложбата на Ранко Струмениковски и настапот на гитаристот од Албанија, Адмир Дочи во рамките на годинешното издание на Интерфест Битола во Свечената Сала на Офицерски Дом. На самостојна изложба на цртежи, графики и слики на битолскиот академски сликар Струмениковски (1936 – 2000), говореше галеристот д-р Драган Ристевски кој истакна дека уметникот ја задолжи Битола на начин што негови логоа и заштитни знаци се уште ги презентираат бројните компании, установи и производи и после половина век, а неговото сликарско творештво ја афирмира Битола како графички центар на Македонија и на меѓународен план. За оригиналноста и посебеноста на творештвото на Струмениковски, галеристот Ристевски, цитираше дел од освртот на кустосот Владо Ѓорески поместен во каталогот за оваа извонредна изложба.
Инаку, Ранко Струмениковски кој своевремено имаше организирано над 50 изложби во Битола, Македонија и странство беше еден од носителите на графичкиот живот во Битола особено со организирањето на Меѓународното графичко триенале за што беше добитник на бројни награди, меѓу кои и наградата на Битола, 4- ти Ноември, а како своевидна награда и признание претставува и учеството со своја самостојна изложба на 34. издание на ИНТЕРФЕСТ 2025 во соработка со Галерија и музеј ,, Ранко Струмениковски ” од Битола. Гитаристот од Албанија изведе дела од Сар, Хозе, Бауер, Вивиани, Албениз, Доменикони.