Вангел Срнаков, правник по професија, сликар по вокација, кој во отсуство на формалното ликовно образование, потпирајќи се на сопствените внатрешни импулси и креативни потенцијали, се формира самостојно, но при тоа, уште во1994 година, охрабрен и под менторство на академскиот сликар Никола Бутров, ги добива потребните сликарски и технолошки поуки. Надграден со соодветните ликовни техники и изрази и копирајќи ги делата на старите мајстори од сликарството, ликовното творештво на Срнаков доаѓа до израз уште во 2006 година, период кога редовно е застапен на самостојни и групни изложби во земјава и странство, и до денешен ден неуморно твори и го збогатува личниот творечки опус. Досегашното творештво на Срнаков изобилува со визуелност во повеќе техники на изразување: масло на платно / панел, темперана платно, емајл на „ready made“ панел, како и повеќе сликарски дисциплини: фигуративно сликарство, портрет, мртва природа, пејзаж, изразени од фигурација до апстракција. Потоа следуваат изработки на илустрации на неколку книги, изработка на мурал и учество со перформанси. Иноватор, кој, имајќи слух за нови тенденции, без да се затвора во нивното битие и да им робува, ја зема онаа супстанца од нив, и преку палетата на бои и контрасти, органски ја вклопува во неговиот сликарски начин на размислување. Реалист, толкувач на животот, кој е со препознатлив пристап и истражувања базирани кон нови форми, нов обликовен дух. Со употребата на разни материјали во делата кои носат печат на секојдневни настани со длабоки чувства, емоции и идеи, неговата уметност зрачи со мир, хармонија и убавина. Изборот на дела кои ги обединува насловот ,,Поглед преку…ˮ работени во техника „масло на панел /платно“ и поделени во три жанрови на изразување: Портрет (фигуративно), Пејзаж и Мртва природа (предметно), претставуваат сликарство со реалистични манири и со мали примеси на хиперреализам.
Тематски акцентираниот видлив емотивен материјал, насочен и обликуван во делата, и присуството на ладниот колорит со доминација на сивата, сината / небесно сината и зелената боја, со својата целокупна визуелна интерпретација и фотографски ликовен третман ја преточува во една порака со апелациски став, согледана од двоен аспект – естетски и еколошки.
Изложбата ќе биде презентирана на 20.10, петок, во ликовната галерија на ДЛУБ, со почеток од 20 часот.