Во вторник на 10.10.2023 – во 19:30 часот по повод 43-тиот роденден на Центарот за култура – Битола ќе се одржи свеченото отворање на изложбата на фотографии ФЕСТИВАЛСКА ДИОПТРИЈА на Диоген Хаџи-Коста Милевски. Ова е прва негова самостојна изложба која ќе биде составена од избрани фотографии од фестивали кои се одржале во Битола во изминатите 5 години, а на кои тој се јавува како официјален фотограф. Изложбата ги опфаќа фестивалите ИФФК Браќа Манаки, Илинденски Денови , Интернационалниот фестивал на монодрама и Фестивалот на музика од светот, во периодот од 2018 до 2022 година. Изложбата се состои од 25 фотографии преку кои авторот ни открива фрагменти од многубројните настани запишани со светлината преку неговиот фото објектив. Низ играта со перспективите, светлината и темнината, подредени во функција на неговиот фотографски стил кој изобилува со вибрантна боја, тој создава уметност како сведоштво за минатото, но и инспирација за иднината. Проектот се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, како проект од значење за културата за 2023 во партнерство со НУ Центар за култура Битола и Центарот за европски развој и интеграција од Битола.