Home » Изложбата „ПреВРЗИНО“ на Стефан Анчевски викендов во Битола

Изложбата „ПреВРЗИНО“ на Стефан Анчевски викендов во Битола

by culturalchat

На 23.11, сабота, со почеток од 19 часот, во Друштвото на ликовните уметници на Битола, ќе биде презентирана изложбата ПреВРЗИНО на Стефан Анчевски.„Изложбата  опфаќа дела од различни циклуси на Стефан Анчевски карактеристични по пастозните слоеви материјал нанесени врз монохроматски позадини. Тоа се материјализирани гестови и дамки во процес на формирање и структурирање во разновидни шеми навестувајќи идни фигурации и симболики. Делата како да не водат низ космичко физички и биолошки периоди внесувајќи не во праисториски пејзажи и соѕвездија. Од друга страна пак, изгледаат како подлога за испишување нови митологии кои никнуваат врз мртвилото на исклучениот темен екран. Тоа е еден процес каде сликарството и графиката пополека ја напуштаат бојата и цртежот и ослободувајќи го гестот даваат целосен простор на дамката која со себе ги носи сите можности на генерирање, трансформации и фигурации каде сето она што било не е веќе, додека пак сето она што ќе биде сеуште не е“, изјави Васко Ѓоргиев, претседател на ДЛУБ.Анчевски е визуелен и мултмедијален уметник од Куманово роден во 1993. Дипломирал графика на ФЛУ. при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје. Има реализирано десет самостојни изложби и учествувал на повеќе од 150 групни изложби во земјата и странство. Член е на ДЛУМ и ДЛУБ. Добитник е на прва награда „TrashForArt” во 2014 и „Let’s bring justice closer to citizens” во 2023 година. Живее и работи во Куманово.

 

 

Related Articles