Home » Изложбата на копаници „Уметност во дрво“ презентирана во Битола

Изложбата на копаници „Уметност во дрво“ презентирана во Битола

by culturalchat

Македонија од секогаш имала прочуени резбари во дрво, кои оставиле зад себе драгоцени копаничарски дела. Традицијата не згаснува. Па така во рамките на 53. фестивал “Илинденски денови“ беше отворена изложбата на копаници “Уметност во дрво“, по повод 30 години јубилеј на Здружението на копаничари. Изложбата која се отвори во културниот центар Магаза, Центарот за култура од Битола ја организираше во соработка со Здружението на копаничари на Македонија. На отварањето на присутните им се обрати директорката  Маја Андоновска – Илиевски, која истакна:

„Некои го нарекуваат занает, некои уметност, јас ќе го наречам љубов. Тоа е првото нешто што ми паѓа на памет за изложбата која одзема здив, а ја отворивме во магазата, одбележувајќи 30 годишен јубилеј на Здружението на копаничари на Македонија во рамките на фестивалот Илинденски денови“.

Трпеливо, прецизно и макотрпно, ги врежуваат македонските копаничари во дрвото своите мечти, уметничката имагинација, проткаена со употреба на 30-тина симболи на животни, растенија, предмети и други мотиви.  Копаничарство или дрворез е уметност во која целосно се внесува душата на резбачот, традицијата на народот на кој припаѓа, обележјата на времето во кое создава, својата душа ја презентира преку вештината и техниката од своите раце кои го преобликуваат парчето дрво.

Копаничарството е уметност, а потоа можеби и занает, поради употребата на техника и алати кои можат да ја повторуваат веќе изработената форма. Проценката е според длабочината на резбата и тврдоста на дрвото, но тоа се однесува на трудот, сепак восхитот и пораката говорат најповеќе за изработеното.

Под влијание на византиската уметност во раниот среден век, копаничарството се развива паралелно со декоративната камена пластика во Македонија. Еден од најраните зачувани примери од овој период е декорацијата на вратата од православниот храм „Св. Никола Болнички“ од 14 век. Дрвената резба се појавува во православните храмови како замена на камената пластика, а според досегашните истражувања, најстариот иконостас во Македонија е оној во храмот „Свети Кузман и Дамјан“ во Охрид, за кој се верува дека е од 14 век. Во почетокот на 19 век, копаничарството станува составен дел од македонската преродба.

Здружението на копаничарите на Македонија било основано на 1993 година во Битола од страна на копаничарите Никола Прчков, Злате Крстески и Мирко Гашпарец.

Здужението се занимава со промовирање на копаничарството, негова афирмација и продолжување на македонската копаничарска традиција. Првата изложба на членовите на здружението била во истата 1993 година, од 10 до 23 мај во Ликовната галерија во Битола.  Првата колонија била одржана од 3 до 10 јуни 1994 година во манастирот Јован Бигорски.

Оваа година фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“, се одржува под мотото „Отворен круг” и е со најобемна програма досега :61 настан и повеќе од 1.200 гости кои доаѓаат од 19 земји.

 

Related Articles