Home » Изложбата „Македонско девојче“ поставена во Центарот за култура Битола

Изложбата „Македонско девојче“ поставена во Центарот за култура Битола

by culturalchat

Во Центарот за култура во Битола во рамките на на придружните манифестации на фестивалот Илинденски денови, поставена е изложбата на уметнички слики во маслена техника под наслов „Македонско девојче“ од авторот Раде Најдовски. Сликите се инспирирани од народните носии од различни предели во земјава.„Творечкиот опус на Најдовски е долготраен и иако првенствено е посветен на сликање икони и фрескоживопис, тој воедно е разновиден. Како влијание од неговата творечка работа, ликовите на жените, девојките во народни носии, до одреден степен, потсетуваат на иконописните претстави што ги работи и оддаваат впечаток на достоинство, гордост и грациозност. Преку својата уметност, Најдовски мајсторски го пренесува целосното значење и убавина на народната традиција, претставувајки ја со живост“ истакнува Наде Геневска Брачиќ, кустос во Заводот и Музеј-Битола.Сликите на Најдовски, нѐ носат на едно патување низ времето, кога носијата го имала своето полно значење, и имаме чувство дека времето за миг застанало. Неговата прецизност и перфекција во сликањето на секој детаљ од носијата се навистина воодушевувачки, освојувајќи ги суштината и сложената убавина, но и улогата на овој дел од македонското културно наследство. Неговата имагинација проникнува додека тој ги вплеткува елементите од секојдневниот живот од минатото во неговите композиции, прикажувајќи го не само ентериерот на куќата туку и живописните моменти насликани преку стомните, а со тоа и „одењето на вода“.За делата авторот користел фотографии од народните носии од Македонија. Тој ги исцртал носиите на Мијаците од Галичник, Крушево и Смилево, потоа оние од Битолско Поле, дебарски Дримкол, и тоа според цртеж од албумот на македонски народни носии од 1963 година, издаден од Музејот на Македонија.

Related Articles