Home » Изложбата „Вертикални симбиози“ на Панде Петровски во галеријата „Ранко Струмениковски“ во Битола

Изложбата „Вертикални симбиози“ на Панде Петровски во галеријата „Ранко Струмениковски“ во Битола

by culturalchat

Во присуство на над стотина љубители на ликовната уметност, во галеријата ,,Ранко Струмениковски” (1936 – 2000), во Битола, беше отворена изложбата „Вертикални симбиози“, на ликовниот уметник Панде Петровски. Изложбата беше презентирана  по повод 8- Март, Меѓународниот ден на жената, а како изненадување за уметникот од страна на домаќинот на галеријата, новинарот Драган Ристевски, (кој воедно и ја отвори изложбата), за 65 години творештво и 85 роденден на Петровски.Се работи за дела, цртежи создадени минатата година со лавиран туш во боја и акрилни бои. Петровски е добитник на наградите :„Мапа-портфолио“, што ја доделува „Остен“ и наградата на Друштвото на ликовните уметници од Битола, „Борислав Траиковски“. Првиот ликовен уметник е од Битола, кој добива награда мапа со два заштитени оригинални примероци, дел од едицијата „Светско културно богатство“.

Петровски е ликовен уметник, педагог, карикатурист и хуморист кој завршил Педагошка академија, ликовна насока, во Скопје во 1963 година, кога во Македонија уште не била отворена Ликовната академија. Имал и студиски престој во Италија. Ментор на неговата група бил Вангел Коџоман, академик и еден од основоположниците на македонската современа уметност. Започнувајќи од 1959 година кога ја отвора својата прва изложба, со создадените неколку илјади дела, до сега има реализирано над четириесет самостојни изложби во Македонија, Србија, Словенија, Шведска и Австралија. Учествувал во над 200 групни изложби.

Член е на ДЛУБ ( Друштво на ликовните уметници на Битола), МНД (Македонско научно друштво-Битола) и ДЛУМ (друштво на ликовни уметници на Македонија). Од основањето во 2005 година е учесник и координатор на Ликовната колонија Де Ниро, а учествувал и на дваесетина меѓународни ликовни колонии во повеќе наши градови, но и во странство (Србија, Црна Гора, Грција и Романија). Добитник е и на Наградата 4 Ноември на Општина Битола, наградата „Дајмонд” за творечки опус, плакета Кристална коцка од МНД, Награда за животно дело од ДЛУБ и посебно од Битолски весник, кој му ја додели и престижната награда за трајни вредности. Негови дела се наоѓаат во Галеријата за современа уметност во Завод и музеј -Битола, во Галеријата на КИЦ Битола, Галерија „Остен“ во Скопје, Родокрајниот музеј на Хомоље во Жагубица, Србија, низ повеќе приватни и државни збирки во Европа, Австралија и во Америка. Во рамките на одбележување на 65 години творештво на Петровски, се подготвува и ретроспективната изложба која ќе биде поставена во НУ Центар за култура- Битола.

Галеријата „Ранко Струмениковски“ постои од 2022 година, имено во семејната куќа на уметникот во Битола, која сега е реновирана, функционира отворен музеј, галерија и ателје. Овој уметнички простор беше направен и модерно уреден и отворен по повод 85 години од раѓањето на Струмениковски. Атмосферата на изложбата на Петровски дополнително ја збогати Стефан Неданоски , тенор од Прилеп, кој работи како професор по музика.

 

Related Articles