Home » Изложбата„Поема на Атомите“ како извор на амортизирање на тежината на нашето секојдневие

Изложбата„Поема на Атомите“ како извор на амортизирање на тежината на нашето секојдневие

by culturalchat

„Живеењето во современиот свет, посебно последниве декади е познатo и како време на хроничен и мултидимензионален стрес. Во времето кога фреквенциите на стрес и негативност преовладуваат, кај сите нас на различен начин се појавува потребата за извор на нивно прочистување и обнова. Таквата потреба наоѓа израз во овие дела на оваа изложба насловена како “Поема на атомите” кои верувам и се надевам дека придонесуваат, кон ако не прочистување тогаш барем амортизирање на тежината на нашето секојдневие“.

Вака е најавена изложбата „Поема на Атомите“ од Благојче Петровски, која ќе биде претставена в сабота на 20 јануари 2024 година во 19:30 часот, во Офицерскиот дом во Битола. На изложбата ќе битат претставени 50-тина дела.

Делата на Петровски за прв пат беа изложени на 10. декември во галеријата „Ко-ра“ во Скопје во рамките на заедничкиот настан со оперската пејачка Биљана Бајевска посветен на арии и дуети од операта „Травијата“, потоа изложбата беше презентирана и во Кавадарци во домот на културата „Иван Мазов – Климе“, а сега изложбата пристигнува во Битола.

Што значи претставување на своите дела дома?

Б.П.- Како што кога бевме деца, најмногу ни беше битно пред родителите и домашните членови да се представиме најдобро како би биле горди на нас , некое слично чувство би бил одговорот на ова прашање. Битолската публика знае да го цени и да го почитува уметничкиот израз, имајќи толку богато културно наследство кое секако влијае на вкусот како важен дел од идентитететот на моите битолчани.

„  Поема на Атомите“. Како дојде до овој наслов?

Б.П.- Темата на изложбата и нејзино име – “Поема на Атомите” е инспирира од древната поезија на Руми, легендарниот поет и мистик од 13 век, кој во својата поема зборува за атомите како израз на љубовта и пречистувањето. Историјата и мудроста се споени во современиот јазик на слика, создавајќи мост помеѓу вековните стремежи на секој човек  и денешниот свет. Но делата секако не се целосно врзани за мистицизмот на Руми, туку  делата се интерпретација на моето лично доживување и во некои дела  визуелно отривајќи ги мистичните предели на горна Месопотамија и Анадолија, како импресија од мојата неодамнешна посета на тие простори, притоа куллтурно врзувајќи го ова свое лично искуство,  преплетувајќи го со македонскиот бит и традиција и секако неизбежно со иконографијата (во чија сфера творам околу 28-29 години), давајќи и на изложбата една по комплексна и повозвишена  културолошко- духовна димензија.

Што изложбата претставува сама по себе?

Б.П.- Живеењето во современиот свет посебно последниве декади е познатo и како време на хроничен и мултидимензионален стрес. Во времето кога фреквенциите на стрес и негативните енергии преовладуваат, кај сите нас на различен начин се појавува потребата за извор на нивно прочистување и обнова. Точно таа потреба најде израз во овие дела на оваа изложба насловена како Поема на атомите кои верувам и се надевам дека придонесуваат кон ако не прочистување тогаш барем амортизирање на нашето секојдневие.

Како истата беше прифатена во Скопје и Кавадарци?

Б.П.- Во Скопје изложбата беше само два часа како едновечерен настап заедно со програма од живи изведби на арии од операта Травијата на оперската вокалистка Биљана Бајевска. Посетеноста беше одлична, атмосферата опуштена и многу пријатна. Јас бев многу задоволен и од посетеноста и од реакциите на посетителите. Кавадарци беше самостојна изложбата, доста поофицијална со прекрасни гости и исто така многу срдечна атмосфера. Во моментов  договарам изложбата да ја посети исто така и Струмица и можеби некои други градови но немам конкретни датуми сеуште за тоа. Последна дестинација од турнејата треба да е во Скопје. За датум и локација би ве информирал понатаму.

Благојче Петровски е роден во Битола. Сликарски твори последните триесетина години, најмногу во сферата на иконографијата и во сферата на сопствените размислувања и интерпретации на темите, естетиката и импресиите на повеќеслојните состојби во кои постои. Учесник е на повеќе самостојни и групни изложби во Македонија и надвор од земјата од периодот од 1997 па се до денес. Беше дел од групата која го сликаше прекрасниот фрескоживопис на црквата СВ. Димитрија во Кавадарци .

 

 

Related Articles