Home » Излезе од печат „Татко ми Босфор“ на Јован Илиески на турски јазик

Излезе од печат „Татко ми Босфор“ на Јован Илиески на турски јазик

by culturalchat

Кога пред една година беше промовирана најновата книга на младиот и талентиран Јован Илиески, „Татко ми, Босфор” во издание на издавачката куќа „Антолог“, авторот не ни сонуваше дека истата ќе го однесе на интернационалната книжевна сцена.

Имено една година подоцна, романот е во рацете на Karina Yayınevi, една од најеминентните издавачки куќи во Турција и светлото на денот го дочека токму пред новогодишните празници. Книгата беше промовирана во Скопје и во Тетово, а сега и љубителите на книжевниот збор во Турција ќе имаат можност да ги осознаваат тајните опишани во делото на Илиески.

„ Од првиот пат кога стапнав во тој град, знаев дека имам приказна да раскажам и на мојата земја и на цела Турција“, ни рече Илиески за романот и додаде: „ Се работи за нешто што го чекав одамна со години и сега конечно се остварува. Не знам колку пати требаше да заминам во Истанбул, за конечно да ми се случи преводот на турски јазик. Срцето ми е полно што Турција ќе ја прочита оваа приказна“.

Благодарен е на се до сега што му се има случено за да дојде до ова.

„Доживувањето е повеќе од совршено. Неверојатно. И сакам да се случи на секој творец што го посакува истото“.

Го запрашавме каде ќе може да се најде книгата со превод на турски.

„Романот на турски јазик ќе може да се најде низ сите книжарници по цела Турција, како и на нивната веб страна на издавачот и на Амазон. А за моите луѓе кои читаат на турски јазик, романот ќе им го чувам да си го земат директно од кај мене“.

Ова е нов и многу храбар чекор за Јован.

„ И јас не знам што да очекувам, само се надевам на најдоброто“, вели авторот.

Првиот чекор е направен кон интернационалната книжевна сцена, а што е со другите дела и преводот на некој друг странски јазик?

„ Прво, започнувам со овој и се надевам дека ‘Татко ми, Босфор’ ќе го отвори патот и ќе го трасира за следните дела. Освен на турски, ќе се преведе и на англиски и српски… Но, засега, оставам овој роман да го одживее своето во Република Турција“, изјавува Илиески.

Ова е совршен старт за Јован за следната 2024та година. Инспирацијата како што ни кажа ја има насекаде, а тој овојпат ја пронајде во Истанбул, па да се потсетиме на дел од приказната:

На самиот крај од XIX век и почетокот на XXI век, некаде помеѓу современиот свет и почетокот на падот на Османлиската држава, се случуваат две, навидум различни приказни. Камила Џалал е посветена детективка која ќе го преврти Истанбул за да ја најде причината за смртта на нејзиниот сопруг. Но, Камила Џалал е и девојка која по низа несреќни случаи во нејзиниот живот почнува да станува блиска со луѓето околу султанот во сарајот Јилдиз. Додека се приближува крајот на династијата и соборувањето на султанот Абдулхамид од престолот, на другата страна од времето, Босфор трага да го најде чудовиштето зад серија убиства коишто ја згаснаа светлината на градот.

Што имаат заедничко девојките со исто име? И двете живеат за едно нешто. Да ѝ најдат смисла на смртта.

Илиески претходно ги напиша: „Соба 610“, “Душа на парче хартија”, “Кругот на животот”, “Сенки на полноќ” и “Ноќта кога ја напуштив Прага”.

 

Related Articles