Home » Изведена монодрамата „Сите најубави нешта“ на Охридско лето

Изведена монодрамата „Сите најубави нешта“ на Охридско лето

by culturalchat

Во рамките на програмата на фестивалот Охридско лето, беше изведена монодрамата „Сите најубави нешта“ од Данкан Мекмилан, во режија на Дејан Пројковски и со брилијантната изведба на Игор Ангелов, во Форт кафе.
Игор ја поведе публиката на емотивно патување, уривајќи го четвртиот ѕид и спојувајќи реалност и фикција, со приказна што нè потсети дека секое убаво и секое предизвикувачко искуство е дел од животот. Монодрамата „Сите најубави нешта”, напишана од еден од најактуелните британски автори Мекмилан, претставува ведро и духовито патување низ животните лузни на еден човек, кој правејќи го списокот на сите најубави нешта за кои вреди да се живее, театарскиот простор го претвора во утроба од која се раѓа колективната надеж. Запознавајќи ја публиката со неговото милениче, неговата најголема љубов, неговото семејство, психичките проблеми на неговата мајка и  траумите кои доаѓаат со тоа, протагонистот го руши четвртиот ѕид на еден досетлив, скокотлив начин  и почнува да ги меша реалноста и фикцијата, потенцирајќи дека сѐ убаво и сѐ лошо што ни се случува е природно, ни припаѓа на сите подеднакво, суптилно прелевајќи го животот во театар и обратно.Игор Ангелов е еден од најпознатите македонски актери, кој својот неверојатен актерски потенцијал го има потврдено во многу театарски и филмски проекти, како во Македонија, така и во Бугарија и Србија. Дел е од ансамблот на Драмски театар  Скопје. Ова е негова прва монодрама за која изведбите се распродаваат со неверојатна брзина, со што се потврдува нејзината уметничка, естетска и перформативна вредност.

Дејан Пројковски е еден од најдобрите и најзастапените режисери на Балканот и пошироко. Во неговиот професионален опус, не постои претстава која ја има режирано, а која има поминато незабележително и без награда на некој од најзначајните регионални фестивали.

 

 

Related Articles