Битолчаните Иван Трпков и Горан Костовски, заедно со романката Николета Тирон и хрватот Горан Јерковиќ успешно го искачија Ортлер по нормалната рута, и според нашите сознанија, Иван и Горан се првите битолчани кои го имаат искачено Ортлер( доколку имате поинакви сознанија слободно пишете ни).Ортлер е на 3905 m надморска височина и е највисоката планина во Источните Алпи. Овој гигантски и моќен врв е највисоката точка на Јужните Варовнички Алпи , на италијанската провинција Јужен Тирол , на Тирол севкупно, и до 1919 година на Австриско-унгарската империја. На германски планината најчесто се нарекува „ König Ortler “ ( Кралот Ortler ), како и во неофицијалната химна на Јужен Тирол, Bozner Bergsteigerlied . Некогаш, кралот на источните алпи бил највисоката планина на Австриско-унгарската монархија (повисока од Гросглокнер , денес највисоката планина во Австрија). Првото искачување на врвот е во 1804 година, и тоа е сèуште е едно од најзабележителните алпски искачувања од тоа време. Легендарниот и опасен северен ѕид првпат е искачен во 1931 година . Сите правци до врвот се предизвикувачки искачувања , од кои најискачувана е нормалната рута од север, оценета со PD+/AD- ( UIAA III ) и затоа е предизвик и искачувањето на оваа насока. Северното лице ( D+ , 90° ) на планината е најголемиот леден ѕид во источните Алпи и исто така популарна цел за алпинистите. Други главни правци се Хинтерграт ( AD, UIAA IV- ) долж источниот гребен и Меранервег долж гребенот Pleisshorngrat / западниот гребен.Ова претставува уште еден голем алпинистички успех во низата успешни искачувања на битолските алпинисти,и поттик за понатамошни предизвици и освојувања на други познати врвови.
„Искачувањето започна со патеката до домот Payer, кадешто екипата ја помина ноќта, другиот ден рано наутро започна искачувањето кон врвот, прво по карпест предел со тежина на искачување до III, патеката е цело време експонирана и не смее да се направи грешка. По подолгото искачување, следува глечер со стрмнина и до 40-45 степени кој исто така треба внимателно да се помине. Заедно, искачувањето по карпа и глечерот траеја околу 5 часови“, ни изјави Иван Трпков.По честитањето и задолжителното сликање на врвот групата успешно слезе до домот, каде ја помина вечерта со наздравување за успехот и на заслужен одмор.