Home » За хрватскиот писател Томислав Билосниќ Македонија е како сонцето, светла и топла

За хрватскиот писател Томислав Билосниќ Македонија е како сонцето, светла и топла

by culturalchat

Реномираниот хрватски писател Томислав Билосниќ, е  алфа и омега во задарската култура, иницијатор на низа активности на многу места во Задарскиот регион, во Хрватска,  неговите дела се сеприсутни на целата хрватска територија, но и надвор од неа. Неговите први литературни и уметнички дела се објавени во 1968 година. Автор е на стотина книги проза, поезија, детска поезија, критика, фељтони, патеписи, истории, белетристика и сликарски монографии. Неговите книги или нивните избори се преведени на: италијански, англиски, турски, албански, ромски, јапонски, германски, шпански, полски, руски, романски и словенечки, и она што е значајно за нас, на македонски. Тој се здоби со меѓународна популарност со колекцијата хаику „Велебит“.За своите уметнички и општествени активности добил многу награди и признанија меѓу кои и  една значајна македонска аграда во 2007 година.  Од друга страна, стихозбирката „Тигар“,од 2004 година е своевидна круна на неговата поезија, меѓународно позната книга на Билосниќ, преведена во целост на англиски, италијански, германски, албански, македонски и ромски јазик. Со оваа стихозбирка писателот  открил нови метафизички области на лирскиот јазик и го отворил патот за ново враќање кон природата и примарното во 21 век.„За песните Тигар јас ја добив наградата „Илинден“. Тоа ми беше најдрагата награда. Зошто?Затоа што јас Македонија ја доживувам како нејзиниот симбол на знамето,  сонцето,  за мене таа држава е најсветла, најтопла.Од таа гледна точка јас бев многу среќен и задоволен со тоа што мојата поезија ја преведе еден од најдобрите преведувачи, еден извонреден писател Ристо Јачев. Јас таа книга која е преведена на македонски секогаш ја носам со себе, многу ми значи. Таа збирка и онаа преведена на шпански јазик која е дури во читанката во Чиле, и доживеа успех во сите земји каде се зборува шпански, секогаш се со мене“.

Покрај таа награда во Македонија тој ги добива и: „Црвена роза од Елбасан“ во Албанија, почесни дипломи на 12. Меѓународен фестивал „Мајничи хаику“ во Јапонија, меѓународни Златни плакети за фотографија на изложбата „Остров и море“ (2010), награда за најдобро хаику во Хрватска Клоштар Иваниќ,признание на Хаику средбите во Лудбрег и многу други награди и признанија. Бројни македонски дела се преведени на хрватски јазик, но и обратно. За македонската книжевност, соработката на македонските и хрватските писатели, ќе каже:

„ Македонско хрватската соработка има длабоки корени, секогаш кога зборувам за тоа ќе се потсетиме на браќата Миладиновци, Штросмаер, но треба да се потсетиме и на Кочо Рацин на кого збирката му беше испечатена во Самобор.Нашиот професор Антољак е еден од оние така може да кажеме кои ја создаваа македонската историја, тука се и Брозовиќ, професорот Лисац, сите лингвисти, Павловски живееше во Славонија, создаваше и на хрватски јазик. Бројни македонски писатели и денес живеат во Хрватска, бројни хрватски писатели во текот на годината одат во Македонија. Минатата година мене ми беше промовирана збирката на песни на Штипското културно лето, за жал јас не можев лично да одам таму, па преку видео  учествував во презентирањето на книгата. Лично веќе годинини наназад ги негувам тие наши врски и често поканувам македонски уметници во Задар, така што сме во постојан, скоро секојдневен контакт“, изјавува Билосниќ.Во хрватската култура тој привлекува внимание преку своите активности со бројните уметнички преокупации. Прво и основно  е писател, поет, колумнист, патеписец и критичар, но овој уметник е подеднакво успешен во сликарството и уметничката фотографија, додека добар дел од својот живот го помина работејќи како новинар, известувач и уредник во повеќе весници, списанија. Позната е неговата куклена телевизиска серија „Авантурите на морскиот коњ“, врз основа на која подоцна го напиша истоимениот роман за деца. Книжевните дела на Билосниќ се вклучени во литературни прегледи, лексикони, училишни програми, панорами и антологии. Член е на Матица Хрватска и на Хрватското културно друштво „Напредок“.

 

 

 

 

 

 

 

 

Related Articles