Синоќа, во рамки на културната програмана БИТ ФЕСТ, љубителите на класичната музика уживаа во пијано рециталот „Затишје и бура“ – концерт на Горјана Стојановска, кој донесе вечер исполнета со длабоки емоции, прекрасна атмосфера и виртуозна интерпретација.Публиката беше водена низ тивките и бурните мигови на музиката, преку маестрални изведби на дела од големи светски композитори. Концертот беше вистинска емоционална прошетка, каде секое дело се претвораше во мисла, чувство, споделена тишина или внатрешна бура. На програмата беа изведени повеќе композиции меѓу кои: Ј. С. Бах – Капричо „На заминување на најмилиот брат“, Шуберт/Лист – „Серенада“ и „Воденичарот и потокот“, С. Рахмањинов – Музички момент оп. 16 бр. 4, Чајковски/Володос – „Приспивна во бура“, А. Скријабин – Соната бр. 3.
Горјана Стојановска низ концертот “зборуваше“ со публиката опишувајќи сликовито како настанале делата на композиторите кои ги свиреше, емоциите кои провејуваат низ нивната музика, која ја отсликува психичката и ментална состојба и енергија кога настанале овие дела.
Пијанистката преку својот настапја покажа моќта на музиката да допре до суштината на човековото доживување. Вечер што долго ќе се памети – тивка, но силна како бура.
previous post