Со настапот на гудачкиот оркестар „Ајга“,во Македонската Филхармонија беше отворено 46. Издание на Денови на македонска музика. Диригент беше Виктор Митревски. На програмата беа делата на композиторите Ана Пандевска, Бојана Петровиќ-Алексова, Дамјан Темков, Михајло Штерјев и Филип Иванов. Манифестацијата е во организација на Сојузот на композитори на Македонија, а членови на уметничкиот совет се: Валентина Велковска Трајановска, Вања Николовски – Ѓумар и Филип Иванов. „Денови на македонска музика“ е фестивал на нашите простори што овозможува македонското музичко творештво да создава во континуитет, како традиција, сведоштво за минатите, сегашните и идните времиња.
Концепцијата на фестивалот останува иста – македонска музика од различни жанрови. Оваа година фестивалот е во знакот на извонредното творештво на македонските композитори од поголем обем: балетско, симфониско, дела за гудачки оркестар, но и камерен опус. Фестивалот ДММ ќе се реализира во две сезони, со големи концерти.
Од соработката со институциите што се формирани од македонските композитори, македонската опера и балет, Филхармонијата, ‘Танец’, Факултетите за музичка уметност (ФМУ) ќе произлезат концерти на кои што ќе прозвучат премиерни изведби на помладите композитори, дела на композиторите на кои им се одбележуваат јубилејните години од раѓање, дела што го претставуваат творечкиот опус и јазик на дел од композиторите. Претседателката на СОКОМ, Валентина Велковска-Трајановска, истакна дека на концертот на МОБ публиката ќе има можност да проследи дел од балетското творештво.
„На концертот на ‘Танец’ќе се навратиме на црковната традиција на нашето поднебје, со настап на машкиот дел на хорот од ансамблот. Секако ќе се навратиме и на камерниот опус на македонските композитори, ќе настапи Триото – обоа, фагот и пијано (Татијана Петрушевска, Марјан Милошевски и Петар Макариевски)“, додаде таа.
Концертите во втората сезона освен делата од поголем обем, концерти, симфониско творештво, дела за гудачки оркестар со солисти, ќе опфати и настап на камерно дуо од Германија, солисти од Словенија, работилници, семинари и трибина посветена на состојбите со творештвото на македонските композитори.Оваа година се одбележуваат неколку значајни јубилеи на починатите композитори: 90-годишнината од раѓањето на композиторите (и диригенти) Александар Лековски и Драган Шуплевски, како и 80-годишнината од раѓањето на композиторите Димче Николески и академик Ристо Аврамовски.
Идејата за формирање на ансамблот „Ајга“ произлезе од неопходноста да се оформи гудачки оркестар, што ќе го проследи во својот опус творештвото од музичкиот барок до денес, со особен акцент на современите автори.
„Составен е од млади, но веќе добро познати имиња на класичната музичка сцена во Македонија, со што ќе дојде до израз нивната енергија, полетност, но и исполнителска зрелост“, наведоа од Сојузот на композиторите на Македонија.
На затворањето на ДММ ќе бидат доделени и трите награди кои традиционално ги доделува СОКОМ: „Трајко Прокопиев“ – за животно дело; „Панче Пешев“ – за најдобро премиерно дело во изминатата година и „Георги Божиков“ – за најдоба изведба на македонско дело.