Во Старата битолска чаршија, свечено беше отворено 42 издание на Малиот Битолски Монмартр – светска детска ликовна колонија, која во континуитет се организира во периодот од 23 – 30 мај со учество на 20 до 25 групи. Годинава, кога детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“, одбележува 55 години од основањето, се одбележува и 41 година од светската детска ликовна изложба и конкурс “Битола” на која пристигнаа 44.000 детски ликовни творби од 71 држава кои претставуваат 650 државни и приватни училишта или околу 40.000 млади ликовни уметници од цел свет. Општина Битола, застанува зад оваа манифестација, поддржувајќи ја традицијата, континуитетот, квалитетот, развојот и поттикнувањето на ликовната уметност од најрана возраст.
Малиот Битолски Монмартр, го отвори градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој поздравувајќи ги присутните, ја нагласи важноста на оваа светска детска ликовна колонија:
„Битола, со своите специфики, култура, историја и традиција, од вечерва во следните 7 дена, повторно ќе биде место во кое убавината на староградската и урбана архитектура, ќе биде инспирација како за домашните млади ликовни уметници, така и за гостите – учесници од 13 земји од светот. Нашиот град продолжува да биде атракција за сите талентирани уметници од различни области од културата, а со тоа да биде и мотив за културно надградување и соработка на младите луѓе кои на овој начин ги градат своите вредности и ги развиваат талентите, афирмирајќи ги своите историски обележја, истовремено разменувајќи искуства и стекнувајќи знаења за културите и историјата на другите народи“, рече градоначалникот.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска истакна:
Во изминатите 55 години, Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“, дејствува токму во оваа насока, континуирано создавајќи дела, кои оставаат длабок печат на времето во кое се создаваат. 44.000 пристигнати детски ликовни творби од 71 држава или 650 државни и приватни школи, ширум светот, се уште една потврда за големината и значењето на овогодишната 41 ва светската детска ликовна изложба и конкурс „Битола“.Со отворањето на 42 издание на Малиот Битолски Монмартр и светската детска ликовна колонија, се продолжува една долга традиција, многу значајна за Битола.
На свеченото отворање беше доделена наградата Гран при која оваа година им припадна на младите ликовни творци од студиото „Simply Art“ од Хонг Конг-Кина, а награди добија и учесници од Индија, Јапонија, Србија, Бугарија, Словачка, Црна Гора, Турција и други држави.















