Програмата „На кино па Олабај“ започна со проекција на „Патување пеш“, најновото дело на режисерката Тамара Котевска, кое ни отвори прозорец кон длабоките прашања за човековото патување – и буквално, и метафорично.Филмот The Walk е длабоко емотивно патување кое нè потсети на храброста и упорноста што се потребни за да се изоди личниот пат, без разлика колку е тежок. Нè потсети на тоа колку често сме на границите меѓу стравот и надежта, меѓу беспомошноста и решителноста. Во срцето на приказната е борбата за достоинство и за местото што го нарекуваме дом – нешто што многумина го земаат здраво за готово. Во душата, поттикнува чувство на благодарност за мирот и стабилноста што можеби ги имаме, но истовремено нè соочува со суровата реалност на оние кои не ги искусуваат овие привилегии.Неда Маретиќ (модераторка) и Илија Тирицовски (во име на продуцентот ОХО) ни ги разлистаа вистинските слоеви на филмското дело. Публиката имаше можност да „нурне“ зад камерите, откривајќи го креативниот процес: од замислата, преку планирањето, до самото снимање и финализирање на филмот. Секој збор, секое прашање беше доказ дека филмот не само што нè пренесува во друг свет, туку нè поттикнува и да размислуваме на подлабоко ниво. Проекцијата ја организираше „Божиновски фондација“ во рамките на дополнителната програма на Меѓународниот фестивал на филмска камера Браќа Манаки – На кино па Олабај.Со програмата „На кино па Олабај“продолжува денес, со промоција на фотомонографијата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ на авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ, а во вторник со јавен настан кој спојува поезија, визуелна уметност и аудиовизуелни толкувања чиј автор е уметникот Игор Трајковски Фоја. Во вторник започнува и циклусот филмски работилници за млади „Наследниците на Манаки“ менторирани од режисерката Марија Џиџева и кинематограферот Димо Попов. Програмата „На кино па Олабај“ ќе се реализира до петок, 27.09.2024 година во КЦ Магаза, Битола и е поддржана од Министерство за култура и туризам.
Започна „На кино па Олабај“ на Меѓународниот фестивал на филмска камера Браќа Манаки
previous post