Во Свечената сала на Офицерскиот дом, КИЦ Битола, на големиот македонски празник „11 Октомври“, беше затворено 33. Издание на Интернационалниот фестивал на класична музика, Интерфест, со концерт на реномираниот пијанист Бертран Жиро и НУ. Камерен Оркестар на Битола. Концертот беше насловен „Со безвремената музика на Моцарт“.Во блескавата сала на Офицерскиот дом, музиката на еден од најголемите музички генијалци на човештвото, Волфганг Амадеус Моцарт, ја сплоти битолската публика во заеднички чувства на восхит, радост, убавина. Врвната изведба на реномираниот француски пијанист Бертран Жиро, диригентот Владимир Димовски и Камерниот оркестар, ја доловија магијата на Симфонијата бр.23 и Концертот за пијано бр. 17. Оваа безвремена музика 250 години наназад, на бројни генерации им ги буди најблагородните емоции и духовна возвишеност. Така и свечената сала на „Офицерски дом“, на овој концерт беше претесна да ги собере сите кои сакаа да ја доживеат радоста на последната вечер од незаборавните 11 претходни фестивалски настани на Интерфест.Благодарение на ентузијазмот и работата на семејството Рибарски, поддршката од Министерството за култура, Општина Битола, донаторот Фанија Мемца и Бутикот „Ермитаж“, екипата на ЈОУ КИЦ и на Народен театар Битола, како и екипата на фестивалот, истиот се одржа со голем успех.„Нашата цел и мисија е „Интерфест“ да го добие вистинското место во културниот живот на градот, но и државата, да расти и развива со поквалитетни концерти и помногубројна публика, со поддршка од компании кои ќе бидат подготвени да го поддржат фестивалот“, ни изјавија од Ермитаж, кои секогаш со години се поддршка на бројни културни настани и манифестации во Битола. Истакнуваат дека тоа го работат со љубов кон градот, културната сцена и желбата културата да се врати на пиедесталот во Битола, каде што и заслужува да биде.
Фотографии: Ивона Кочов