Саем на ракотворби во организација на ЗУР Македонски ракотворби и изложбата насловена: Данабаш низ архивскиот материјал „Раскошот и проклетство“ во организација на Државен архив од Битола, беа дел од третата вечер на фестивалот „Локум фест – музика и традиција“. Музичкиот дел, кој беше дополнителна причина за раздвиженост на Старата битолска чаршија беше исполнет со настап на: пензионерската пејачка група „Сирма Војвода“ Битола, чалгиската тајфа„Антико“ и групата „Gipsy Groove“ од Косово.
Фестивалот беше отворен со концертот на етно групата „Монистра“ на платото пред Офицерскиот дом во Битола и продолжи со „Плантек“ од Бретања, Франција, чија музика е спој на традиционална и електронска музика.
Следуваше промовирање на ладино албумот „Монастир“ на американката Сара Ароесте, посветен на Битола, со музичари од Израел и Македонија. Вечерта заврши со играње и пеење на балканска музика со познатата хрватско-шведско-македонската група „Афион“.
Со третата вечер, заврши 16 издание на „Локум фест“ -фестивалот кој својот зародиш го има во Старата битолска чаршија која е синоним за занаети, еснафи, мултикултурализам, за кафе со локум како синоним за средба. А таа со години се празни, а објектите ги јаде времето. Амбиенталната архитектура, сведок на едно време, сè повеќе се стилизира или распаѓа, а со тоа и нашата врска со минатото. Оттаму и е мотивот и идејата за фестивал кој ќе ги спои во еден концепт музиката, традицијата, креативните индустрии и културното наследство.
Фестивалот беше дел од програмата на Бит фест.