Home » Заврши 15.Ликовна колонија „Дрен“ во Прилеп

Заврши 15.Ликовна колонија „Дрен“ во Прилеп

by culturalchat

Деветнаесет уметници од земјава и од странство беа дел од 15-тата по ред Меѓународна ликовна колонија „Дрен“ која се одржа во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Уметниците создаваа скулптури, инсталации, слики, и користеа различни материјали: дрво, метал, прилепски мермер.

„Јас искрено за 15 години, ако направам една ретроспектива гледам од година во година еден многу солиден напредок на ликовната колонија. Но тука не застануваме, секоја година имаме различен приод, малку да смениме, да ја надоградиме, споделуваме искуства и од надвор“, истакна Марјан Стојаноски, раководител на колонијата „Дрен“.

Колонијата започна како сликарска, а од 2021 почнува со работа и во скулпторски медиуми, метал, дрво, мермер, со што  се додава дополнителен квалитет на колонијата и се става акцент на работата во различни медиуми.

„Искулучително многу ми се допаѓа тука и затоа кога ја добив поканата да учествувам со најголемо задоволство ја прифатив и дојдов тука, затоа што  колонијата е организирана на многу добро ниво“, додаде Павлина Купану, учесник на колонијата од Бугарија.

„Работам моментално во повеќе медиуми, вајарски техники, еден од истражувачките медиуми е со јута како асоцијација на градот Прилеп, бидејќи ете за прв пат сум оваа година на Колонијата“, кажа Маја Ралева Миладиноски, учесник на колонијата.

Уметниците истакнаа дека условите за работа се одлични и дека дружбата е убава за размена на искуства.

За 15 години се создадени околу 400 дела кои остануваат како наследство на Центарот за култура, а делата на годинашната колонија беа презентирани на изложба во Центарот за култура, а ќе бидат презентирани и низ повеќе градови во Македонија. Колонијата се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура.

 

Related Articles