Home » Заврши фестивалот на комедијата „Гола месечина“

Заврши фестивалот на комедијата „Гола месечина“

Две награди за Прилепскиот театар

by culturalchat

Со изведбата на последната претстава на репертоарот на ,,Гола месечина“, и доделувањето на наградите, заврши годинешното деветтото издание на традиционалниот Фестивал на комедијата. Откако ги проследи сите  претстави што се одиграа во рамките на Фестивалот, жири комисијата (во состав: Несрин Таир, Ева Скендеровска и Сергеј Димовски) ги донесе и одлуките за годинешните добитници на наградите:

– Наградата за најдобра режија ја доби Синиша Ефтимов за претставата ,,Да, инспекторе“ (претстава со грешки) на НУЦК ,,Марко Цепенков“ – Прилеп, театар ,,Војдан Чернодрински“, наградата за најдобра женска улога ја добива Катерина Чакмакоска за улогата на Пеце од истоимената претстава.

Оваа претстава е работена по мотиви на текст од Хенри Џонатан Хенри и е прва соработка на Ефтимов со Прилепски театар. Претставата е поглед на режисерот на она што денес ни се случува во градот, во државата, во светот.
– Сите се гледаме во очи и се лажеме дека сè е в ред и одиме натаму, а во принцип отмено пропаѓаме. Ако пропаѓаме бареме да биде забавата весела. Направивме одлична хит претстава – ансамблот е одличен и беше задоволство да работам“, вели Ефтимов.

Во претставата играат Илија Волчески, Димитар Црцороски, Катерина Чакмакоска- Клинческа, Александар Тодески, Марија Спиркоска-Илијеска, Михајло Миленкоски, Наташа Ачански, Игор Трпчески, Ангела Наумоска и Димитар Ѓорѓиевски. Сценографијата и костимите се на Илина Ангеловска, драматург е Ивана Нелковска, преводот е на Дарко Јан Спасов, а тон мајстор и дизајнер на звук е Томе Темелковски.

Наградата за најдобра машка улога ја добива Миљан Прљета за улогата на сликарот Даниел Л’Торел во претставата ,,Опасна љубовна игра“ од Бранислав Нушиќ – Театар ,,Славија“, Белград; наградата за најдобра претстава ја добива Народниот театар ,,Иван Вазов“ од Софија за претставата ,,Прекрасна недела за Крев Коер“ од Тенеси Вилијамс, во режија на Здравко Митков.

Годинешното издание на меѓународниот фестивал на комедијата „Гола Месечина“ се одржуваше од 25. до 30. јуни во организација на Општина Аеродром и Театар Комедија, а годинава на репертоарот беа претстави од Македонија и регионот: две меѓународни гостувања, ‘Театар Славија’ од Белград и гостување од Бугарија на големиот национален театар ‘Иван Вазов’.

„Честитки до добитниците на наградите! Се гледаме догодина на јубилејното 10. издание на ,,Гола месечина“, истакнаа организаторите.

 

 

 

Related Articles