Home » Заврши фестивалот кој ја слави Уметноста на традицијата-Илинденски денови

Заврши фестивалот кој ја слави Уметноста на традицијата-Илинденски денови

by culturalchat

Со доделување на наградите за најдобрите културно- уметнички друштва од Македонија и со интернационална вечер што ја приредија гостите  од странските држави учесници на фестивалот, синоќа во Битола заврши 54 издание на Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови”. Според статутот на РФНИП „Илинденски денови“ Битола, како и принципите на CIOFF, на фестивалот се оценуваат и наградуваат само ансамблите од Македонија, додека ансамблите од странство настапуваат ревијално.Жири комисијата на 54-от Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ Битола, во состав: д-р Владимир Јаневски, д-р Родна Величковска, д-р Мирјана Мирчевска, д-р Беким Рамадани и м-р Христијан Николовски на седницата одржана на 31 јули 2024 година ја донесе следната Одлука:

1. За најуспешна група која презентираше традиционална музика и игра се ​прогласува: КУД „Илинден“ Битола,

2.За најуспешна група која презентираше староградски музика и игра се ​прогласува: ВИА „Распеани кичевчани“ Кичево,

3.За најуспешна соло инструментална изведба се прогласува: ОНИ „Осоговски бисер“ Кочани,

4.За најуспешна играорна соло изведба се прогласува: Зењел Беќири од КУД „Добра“ Дебар,

5.За ансамбл со најизворна, најкомплетна, изворна носија се прогласува: АФ „Гоце Делчев“ Битола.Награди на најуспешните и благодарници за учество на гостите од странство им додели директорката на НУ Центар за култура, Маја Андоновска Илијевски.На завршната вечер се обрати и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.Оваа година 54 -то издание на Илинденски денови се одвиваше под мотото „Уметноста на традицијата “. Над 1.300 гости од Македонија, Романија, Боливија, Јужна Кореја, Северен Кипар, Мексико, Турција, Србија и САД настапија на многу локации низ градот, претворајќи ја Битола во отворена сцена. Фестивалот траеше вкупно 13 денови, со одлична претпрограма која опфати Етнографски филмски фестивал, детски работилници и изложби, Меѓународна научна фолклорна конференција и сл, кои заедно со камерните и големите концерти прават бројка од 70 настани. Овој фестивал формиран пред повеќе од половина век како културно ехо на манифестот од 1903, како смотра на фолклорот во националните граници, денес ја живее светската слава како еден од најпознатите и најголеми фестивали препознати и сертифицирани од CIOFF (International Counsil of Organizations of Folklore Festivals and Folklore Arts) официјален партнер на УНЕСКО, формиран во 1970 година, кој работи за заштита, промоција и ширење на традиционалната култура на глобално ниво.И ова издание уште еднаш ја потврди магијата на македонскиот и светскиот фоклор низ битолските улици, на сцените низ Битола , фестивал кој децении наназад го чува и промовира богатството на фолклорната традиција, правејќи од Битола една прекрасна фолклорна разгледница.

 

 

 

Related Articles