Фатма Бајрам Аземовска, мајка на тинејџерка, која не се срами од менструацијата, раскажува за значењето на отворен разговор и едукација за менструалниот циклус. Го пренесуваме во целост.
„Родена сум на убав есенски ден, 17 октомври. Да си родена во знакот Вага, велат дека си одлична девојка, сопруга и мајка. Вагите се социјални пеперутки кои ја ценат љубовта, се емоционално интелигентни, знаат да комуницираат и да решаваат конфликти. Дали е навистина така – дали ѕвездите погодија, ќе видиме подоцна. Бев трето дете родено во семејството. Моите родители го планираа моето раѓање. Кога дојдов на овој прекрасен свет, бев посакувано и сакано дете. Сите се грижеа за мене, ме сакаа и ме чуваа како ѕвезда водилка. Му бев посебна миленичка на татко ми. Тој работеше во дневниот весник Нова Македонија и секоја вечер носеше списанија и книги. Јас љубопитно ги прелистував за подоцна да ги читам“.
Денес таа работи во Битолската библиотека.
„ Опкружена сум со илјадници книги и мотивирам деца да читаат и да сонуваат, бидејќи соништата се остваруваат ако вложуваме во себе. Иако бев мала, можев да видам различни женски животни приказни. Кога имав 11 години, мајка ми и поголемата сестра ми објаснија што е месечен циклус и дека нема да се плашам кога ќе пристигне. Ми рекоа дека е тоа радосен чин и дека ќе созреам. Ми објаснија и за важноста на хигиената. Секако, јас и сама најдов информации во списанијата за тоа што значи менструален циклус. Во модерното општество, менструацијата често се смета за табу тема. Истражувањето на здружението „Новинари за човекови права“ покажа дека во периодот на месечен циклус, дури 90% од ученичките во руралните средини не одат на училиште 4 до 5 дена во месецот, а 75% од ученичките во урбаните средини изостануваат 2 до 3 дена месечно. Алармантно е што 15% од испитаниците не користат никакви хигиенски средства за време на месечниот циклус. Ова укажува дека треба да направиме нешто за да се промени оваа состојба“.„Како мајка на тинејџерка, преку својата приказна сакам да ја разбијам стигмата и да покажам дека ни е потребен отворен разговор. Еден ден, ќерка ми Леона ми рече: „Знаеш мамо, некои мои другарки не се тушираат за време на менструалниот циклус, така им кажале дома.“ Тоа ме поттикна да направам нешто за овие погрешни информации кои ги окупираат младите. Мојата Леона е пример за младо девојче кое не се срами од својата менструација и ја прифаќа како нормален дел од животот. Со растењето на Леона, како самохрана мајка, се посветувам на нејзината едукација за сите аспекти на животот, вклучувајќи ја и менструацијата. Сметам дека и моето машко дете треба да биде информирано. Морам да потенцирам дека едукацијата и помогна на Леона да биде подготвена и информирана, што е исклучително важно за секое девојче. Како активист за правата на девојчињата и жените, ќе работам и на едукација со жените и девојките Ромки. Ќе зборуваме за значењето на редовната хигиена и како тоа треба да се одржува за време на менструацијата. Јас и Леона имаме отворен и искрен однос, што е клучно за справување со сите аспекти на животот, вклучувајќи ја и менструацијата. Овој отворен однос ни помага да ги надминеме предрасудите и стигмите поврзани со менструацијата. Деновиве со здружението „Новинари за човекови права“ и донација од ДМ маркети ќе поделиме влошки за 100 девојчиња и ќе започнеме со работилници за да зборуваме за овие табу теми. Со сета оваа приказна, сакам да нагласам дека образованието и отвореноста се клучни за надминување на табуата и стигмите поврзани со менструацијата. Ова е мојот начин да придонесам кон подобро општество за сите нас“.
Ние само ќе кажеме: Браво Фатма.