На 15-то јубилејно Карпошово културно лето на плоштадот Делфина во Скопје, настапи аматерскиот женски хор „Фрида“, чиј диригент и уметнички раководител на хорот е битолчанката, водителката Сузана Турунџиева. Овој хор е формиран во октомври 2023 година. Ентузијазмот на хористките, талентот, креативноста, посветеноста и желбата за групно музицирање е причина повеќе хорот да постави високи цели и предизвици кои за релативно кратко време од неговото формирање им обезбедија настапи на повеќе манифестации од јавен карактер.„Беше огромна чест, задоволство и радост да се пее пред граѓаните на Општина Карпош, a и пред сите други присутни од останатите општини! Огромна благодарност до Карпошани кои пееја до доцна во ноќта заедно со нашите Фриди, кои несебично и со многу љубов го дадоа најдоброто од себе“, изјави Сузана Турунџиева. Оваа година вниманието на оваа манифестација беше насочено кон домашната сцена,па така љубителите на добрата музика, имаа можност да ги слушнат македонските изведувачи на чалгиска музика, незаборавните хитови на познати домашни бендови, но и да погледнат ликовни дела од нашите врвни уметници.Публиката уживаше во изведбата на Националниот џез и гудачки оркестар, а повозрасната публика се потсети на старите хитови отпеани од Андријана Јаневска, Џон Илија Апелгрин, Ана Петановска, Светлана Јовановска, Зорица Поп Панкова и Драган Мијалковски, тука беше и квартетот ,,Езгија” на Филип Шурбевски, Христијан Проданов и Бендот ,,Вертиго” и други.Карпошовото лето е културно-уметничка манифестација преку која се празнува културата и уметноста. „Карпош беше и ќе остане голем подиум на кој настапија и ќе настапат големи ѕвезди од домашната и странската музичка сцена“, истакнуваат организаторите. Забележителни се настапите на женскиот хор Фрида, па така тука е Новогодишниот целовечерен концерт „Фрида – БЕСМРТНА“, Концерт по повод денот на виното и љубовта, насловен како „Viva la vida, viva la musica“, Осмомартовски концерт, насловен како „ФРИДА КАЛО – неисцрпна инспирација“, Хуманитарниот настан по повод 21 март – ден на лицата со Даунов синдром „Хуманоста на дело 2024“. Хорот настапи и во рамките на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“. На репертоарот на хорот се наоѓаат преработки на светски хитови од 60ти, 70ти, 80ти години, македонски евергрини, обработки на стари македонски песни, како и неколку госпел композиции.