Маестро Симон Трпчески, одржа прекрасен концерт во Будимпешта со симфонискиот оркестар на Унгарското радио, под диригентската палка на италијанскиот диригент Рикардо Фрица. Тој го изведе Концертот за пијано и оркестар број 2 од Јоханес Брамс во првиот дел од вечерта, во свечената сала на музичката академија „Франц Лист“. „Се чувствувам прекрасно. Имав голема одговорност за оваа вечер, сепак ова е едно од најсложените дела во творештвото на Јоханес Брамс, концертот број 2, и имав чест да го изведувам токму во градот каде што беше и светската премиера на ова дело. Будимпешта толку многу зрачи со уметност, да не кажам со музика од секој агол, но и воопшто Унгарија е една земја со богата култура и историја“, рече Трпчески.
Тој за прв пат настапи со оркестарот на Унгарското радио.
„Да, на покана на диригентот Рикардо Фрица од Италија, со кој што сме настапувале претходно заедно. Многу убава енергија имавме со музичарите, навистина како што сами видовте, ме прифатија одлично и ме поздравија на сцена. Имавме една феноменална реакција и од публиката и многу ми е мило што концертот помина на такво високо ниво“.„Трпчески не е само пијанист, тој е пред се мој пријател, се знаеме многу години и настапувавме заедно. Многу е лесно за мене да соработувам со него бидејќи имаме иста страст кон музиката, имаме совршена музичка комуникација. Се надевам ќе имаме уште многу заеднички концерти“, истакнува диригентот Фрица.
Концерт-мајсторот на оркестарот на Унгарското радио, Вилмош Олах, исто така со пофални зборови за македонскиот пијанист. Воедно тој е и првиот унгарски уметник награден со Еми.
„Трпчески свиреше одлично, неговата изведба е виртуозна. Го претстави на вистински начин делото на Брамс. Со пијанистот имаме план за македонско унгарска соработка во иднина, како концерт на камерна музика“.
На крајот на својот настап, Трпчески и подари на публиката македонска композиција.
„Изведов дел од Македонисимо, поточно „Пиперковото оро“. Секогаш сакам да презентирам нешто наше, заради тоа што сум горд на она што го имаме, како ризница, богатство, фолклорно, како земја, како Македонија. На концертот во Будимпешта публиката имаше можност да слушне унгарска народна музика преку „Концертот“ на Брамс, така што направив една поврзаност, и изведов и македонска композиција“.На концертот присуствуваа и неколку Македонци, меѓу кои и Ивица Боцевски, специјалниот претставник на Владата при унгарското претседателство со Советот на Европската Унија.
„Во официјално својство, веќе на трет континент го слушам, дел сум од неговата публика, никогаш не пропушта кога прави бис и да ме поздрави, посебно кога ги изведува македонските композиции. Повторно и овојпат добив најнезаслужен аплауз кога ме претстави како амбасадор од неговата татковина и кога ми го посвети “Пиперковото оро”. Се сеќавам кога пред преполната сала на Државниот оркестар од Сао Паоло, ме поздрави со делото од Шуплевски, „Не си го продавај Кољо чифликот“, изјави Боцевски.
За него Трпчески е најголемиот македонски културен амбасадор.
„ Тој е и најдобар доказ што пропушта Европа заради недовршената македонска и, општо, балканска европска интеграција. Целиот талент, целата креативност, ум, труд и професионалност на секој Балканец е нераскинлив дел од европската цивилизација, култура, економија и придонесува кон зголемување на европската конкурентност во трката кон врвот во 21-иот век. Унгарците тоа одамна го знаат и затоа срдечно ја поддржуваат нашата европска интеграција, а и се однесуваат кон нас како веќе да сме земја-членка. Беше гордост да се проследат петте биса што унгарската публика му ги даде на Симон, а и потоа да се ужива во друштвото на најдобрите унгарски и европски уметници кои беа дојдени да го проследат концертот“.Трпчески се надоврза на ова:
„Особено ми е мило што овој концерт се случи токму во време на претседавањето на Унгарија со Европската унија. Мило ми е што на овој начин ние, како Македонци, можевме да се претставиме на највисоко ниво и во присуство на официјалниот претставник на Владата, господин Ивица Боцевски, со кој што имаме и многу убави спомени од претходни мои настапи, последно од Бразил, каде тој беше амбасадор. Имавме на концертот во Будимпешта и неколку други Македонци, кои што ме поздравија во ходникот после настапот. Навистина беше еден многу убав момент и за мене гордост, што можеа да видат што еден нивни сограѓанин што прави професионално, и на тој начин, ја претставува својата земја. Ова е една убава културна соработка, помеѓу Македонија и Унгарија, и ќе придонесе за развивање на понатамошните односи“.
Пофални зборови македонскиот пијанист доби од многубројната публика, врвни мизичари и познавачи на музичката уметност. Меѓу нив и Франческа Испан, која е основач на Камерниот оркестар Солти, составен од млади дипломирани музичари од Музичката академија. Таа воедно беше и пријателка со македонскиот композитор Властимир Николовски.
„Мојот син е челист во овој оркестар и по негова препорака да слушнам извонреден пијанист, дојдов. Диригентот го знаеме веќе бидејќи веќе беше дел од оваа сцена, но пијанистот го слушнав за прв пат и беше одлично позитивно изненадување, и слободно можам да кажам подарок од Бога е што имавме можност да го чуеме. Квалитетот на изведбата, професионалноста, но и емоцијата која тој ја дава на сцена, имаме можност да ги чуеме само од луѓето кои доаѓаат од овие земји“.
Турнејата на Трпчески продолжува во Белград, и тоа со два концерти во една вечер, Солун, Нови Сад, Сараево.