Во просториите на НУ „Завод и музеј“ – Битола беше реализирана значајна и несекојдневна средба, со семејството на великанот композиторот Кирил Македонски, авторот на првата македонска опера „Гоце“ која за прв пат беше изведена пред 70 години, кое предаде на Музејот ексклузивен материјал за композиторот. На средбата неговата ќерка д-р. Пламенка Македонска, во присуство на членови од нејзиното најблиско семејство од Скопје и Битола, изјави:
„Долго размислував кому и каде да го предадам овој материјал. Имам голема доверба во вас директоре Зоран Николовски, во вашите стручни соработници, во моите најблиски роднини, во оваа институција која има посебно место во чувањето, заштитата и презентирањето на македонското културното наследство “.
Од НУ „Завод и музеј“- Битола изразуват огромна благодарност со ветување за достојно презентирање и соодветно чување на овој ексклузивен материјал за Кирил Македонски- еден од најзначајните македонски музички творци, роден во Битола. Повеќе од 300 книги од семејната библиотека, 20 регистратори со ретки документи, 3 семејни фото албуми, опери, партитури, либрета, писма, оперети за деца, хорски дела, симфонии, филмска и драмска музика, детски песни, ретки списанија, плакати за настани, дипломи, награди, лични предмети, лични документи, се само мал дел од обемниот материјал.
Кирил Македонски почина на денешен ден, 2.06.1984 год. Ова е еден дел од проектот
„100 години од раѓањето на Великанот Кирил Македонски“, кој е поддржан од Министерство за култура и туризам, во рамките на Годишната програма од национален интерес за 2025 год. Македонски е роден на 19.01.1925, во Битола. Поради несомнениот музички талент, на 11 години почнува да учи виолина. По завршувањето на основното и средното училиште, во 1947 година се запишува на Музичката академија во Загреб на одделот за диригирање и композиција, во класата на Крсто Одак, а потоа во Сараево во класата на Иво Бркановиќ. Композиција магистрира во Љубљана кај композиторот Луцијан Марија Шкерјанц. Во 1970 година шест месеци престојува во Варшава како стипендист на полската влада, а во 1974 година се усовршува на Меѓународниот курс за современа музика во Дармштат. Паралелно со компонирањето се занимава со педагошка дејност, а особен акцент во последните децении од животот им дава на истражувањата од областа на музичката психологија, поконкретно – музикотерапијата. Тој беше автор на првото симфониско дело од македонски автор ; првата симфониска поема, првата клавирска соната, првата кантата, првата оперета за деца од македонски автор. Освен како композитор, музикотерапевт и професор, Кирил Македонски на многу дела се јавува како текстописец, либретист, режисер и диригент. Ја напишал музиката за филмот “Македонска крвава свадба”, но и музика за други долгометражни и документарни филмови.Бројни песнички за детски фестивали. Бројни хорски аранжмани инспирирани од македонскиот фолклор. Бројни стручни трудови, признати на меѓународно ниво. Голем дел од неговите сознанија во вид на реферати се претставени, претежно пред странската јавност за што има добиено меѓународни признанија. Најзрелото дело на Кирил Македонски е операта „Цар Самуил“ пишувана од 1962 до 1966 година врз сопствено либрето. Тука е и операта„Илинден“ од 1972 година. Покрај оперите, Кирил Македонски напишал и пет симфонии, 20 свечени песни-химни, камерни дела, соло-песни, а балетот „Делфина“ и ораториумот „Кирил и Методиј“ никогаш не биле изведувани.Кирил Македонски е носител на меѓународното признание „Диплома за музикотерапија“, издадено од Меѓународниот биографски институт од Кембриџ, Англија. Исто така, во публикацијата на УНЕСКО, национална комисија за Белгија, тој е забележан како работник во областа на музикотерапијата во светот. НУ „Завод и музеј“- Битола со гордост го чува клавирот на кој што Македонски ја компонираше првата македонска опера.