Home » Едно поинакво читање на Дантеовиот „Пекол“ преку „Инферно“на Пројковски

Едно поинакво читање на Дантеовиот „Пекол“ преку „Инферно“на Пројковски

by culturalchat

Претставата „Инферно“, според „Пеколот“ од Данте Алигери, во режија на Дејан Пројковски и драматургија на Сашо Димоски, која пред многубројната публика во саботата беше изведена на сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес, поради големиот интерес ќе има три репризи – в четврток (3 ноември), в петок и в сабота.

Во реализацијата на оваа претстава, заедно со техничкиот дел, се вклучени 63 лица, а подготовките започнаа на крајот на мај и завршија со премиерата.  Целата претстава е правена преку доминација на говорот на телото во криза.

„И осмислувањето на ваков театарски проект, во овој ракопис, значеше макотрпен процес на создавање претстава во која секој еден од учесниците е алка од тој синџир без кој конечниот производ е невозможен“, вели Сашо Димоски, директор на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес и драматург на претставата “Инферно“ и додаде: „ Соработката со Пројковски на оваа претстава беше прекрасна. Тој на нашата сцена постави една исклучителна претстава со многу слоеви, која од продукциски аспект беше предизвик да се изнесе сама по себе“.

Претставата, која е едно поинакво читање на „Пеколот“ на Данте Алигери, беше дочекана со стоечки аплаузи од страна на љубителите на театарската уметност, кои до последно место ја исполнија салата.

Станува збор за претстава која фрла ново светло на пеколните аспекти на темното во секој од нас низ цивилизацијата и нејзиниот развој. Во оваа претстава се искористени максимално севкупните најсовремени технички и технолошки капацитети и потенцијали на големата сцена на Велешкиот театар. Со тоа се демонстрира неговата особеност во регионот како национална установа од областа на изведувачките уметности.

Претставата е многуслојна и тргнува од деветте кругови на Дантевиот пекол како основа, но драматуршката решетка е плетена на тој начин што е формиран интертекст во кој се користат огромен број извори од наследството на светската литература со цел да се оформи тој колаж од девет круга низ кој минуваат Данте и Вергилиј за да влезат во пеколот, за да излезат од него и за да стигнат до портите на чистилиштето.

Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф е Раде Василев, композитори се Горан Трајкоски и Сашко Костов. Кореографијата е на Олга Панго, сценските движења на Васил Зафирчев, видео – Борче Конзулов и шминка – Зорица Цветковска. Изведба на музика во живо: Сашко Костов и Орхидеја Дукова, дизајн на плакат Валентин Светозарев .

Улогите во претставата ги толкуваат: Исидор Јовановски, Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Фаик Мефаилоски, Симона Димковска и други. Освен актери од Велешкиот театар, во претставата учествуваат и студенти од завршните години или веќе дипломирани актери од Универзитетот „ЕСРА“. Претставата има два плакати. Едниот е со главниот лик на претставата, Исидор Јовановски кој го толкува Данте, а другиот е со велешката топилница, која е метафора за еден локален пекол кој беше и национална катастрофа.

Пројковски, кој е еден од најуспешните режисери во регионот, ја потпишува режијата и на претставите „Ана Карењина“ и „Ричард Трети“ во Нови Сад, „Дервишот и смртта“ во Бања Лука, „Браќа Карамазови“ во Софија, „Орестија“ во Сплит, „Ромео и Јулија“ во Истанбул, „Опасни врски“ во Санкт Петербург. Тој истакна дека претставата „Инферно“ му ја посветува на својот пријател и голем режисер Томаж Пандур (од Словенија), кој во 2016 година, на 52-годишна возраст, почина за време на проба на претставата „Крал Лир“ во Македонскиот народен театар во Скопје.

 

Related Articles