Home » Европска турнеја за албумот Fallen Land- SJF Records на Сашо Поповски

Европска турнеја за албумот Fallen Land- SJF Records на Сашо Поповски

by culturalchat

Со издавањето на албумот (Fallen Land) на 1 Октомври 2020 за етикетата на СЏФ Рекордс и промотивниот концерт во рамките на 39-от Скопски Џез Фестивал, започнаа и подготовките за концертна промоција на албумот.

Албумот е снимен во формацијата трио со Иван Бејков на бас и Виктор Филиповски тапани/перкусии и истиот содржи седум оригинални композиции на Сашо Поповски.

Тој е еден од водечките македонски џез-гитарист и композитор. Зад себе има албумски објави со различни формации и настапи како на повеќе џез-фестивали во Европа, како Џез фестивал Рокела во Италија, Перто џез фестивал во Санкт Петербург во Русија, Нишвил во соседна Србија, Петровац џез фестивал во Црна Гора и други.

Автор е на многу соло композиции и композитор на музика за филм и театар, а соработувал со познати регионални имиња како Тони Китановски, Оскар Салас, Милчо Левиев, Дејв Вилсон, Гоце Мицанов… и други.

Тој е актуелен раководител на Џез одделот на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, како и основач и директор на Џез фактори фестивалот. За музиката на Сашо Поповски се вели дека е музика на чисти линии, сложени структури и бујна фантазија. Ритмички и мелодиски, таа алудира на ориентални обрасци, што ја прави малку мистична, а критичарите за штотуку објавениот „Fallen Land“ ќе напишат дека е „албум во кој можеме да го најдеме најдоброто од современата модерна џез музика на Балканот“.

За овој албум во интервјуто за Слободна Европа, тој истакна:

„ Музиката на албумот Fallen Land е внатрешниот глас на Сашо Поповски интерпретиран на гитара денес. Не сум сигурен дека отсекогаш сум сакал ваков израз, но музиката е жива материја која се менува со секој изминат момент, животна случка, и секако е дел од еден период во кој како авторот сум создавал музика и развивал сопствена имагинација. Дали и во иднина ќе продолжам во иста насока тоа не би можел со сигурност да го кажам. Само времето ќе биде сведок, и се разбира моето следно музичко издание“.

Светската џез критика и позитивните рецензии од портали како: All About Jazz (USA), PJ Portrait ii Jazz (Tokio – Japan), Paris-Move (France), Jazz Port (Prague – Czech Republic), Jazz In Europe (The Netherlands), Jazz In Family (Italy), Jazz Syndicate (London – UK) во голема мера го помогнаа и отворија патот за концерти надвор од границите на Македонија, па така во 2021г. Сашо Поповски Трио настапи на интернационалните фестивали како: Sacz Jazz Festival (Poland), Petro Jazz Festival (Saint Petrsburg – Russia), Belgrade Jazz Festival (Side program – Dom Omladine – Serbia), Jazzibar – (Kraljevo – Serbia), Jazzaland (Temerin – Serbia), Petrovac Jazz Festival (Montenegro), Valjevo Jazz Festival (Serbia) и Тетово Џез Фестивал.

“ Гитаристот Сашо Поповски го усовршува својот трио проект со јасен концепт, изграден на постојани мелодиски варијации, нагласувајќи звук, текстури, интеракција и простор. Музичката слика се дефинира со автентичноста на композициите, аранжманот е ориентиран кон целосен музички разговор и постојано еволуира на ненаметлив и богато обоен начин “ – Thierry Docmac
Bayou Blue News – Paris Move 4th May 2021. Оценет со 5 звезди !

Но вистинската европска офанзива започнува за календарската 2022/23 каде до денес се реализирани концерти на престижни и високо рангирани интернационални џез фестивали како: Rocella Jazz Festival (Italy), Musicastrada Festival (Italy), Deva Jazz Festival (Romania), Nishvil Jazz Festival (Serbia), Tirana Jazz Festival (Albania), како и првата турнеја во Шпанија (Јуни 2022) со концерти на Gaya Granada Jazz Festival, La LaolainaCulture Center и Clarence Jazz Club – Malaga. Во рамките на оваа турнеја Сашо Поповски реализираше и мајсторски клас на тема “Балканските ритми во џез музиката“ со главен фокус на Македонскиот 7/8 ритам, начините за компонирање и автентична интерпретација на мелодии преку примери како: Елено Ќерко и Сербес Донка.

На Македонската Џез сцена концерти се реализираа во рамките на: Астибо Џез Фестивал – Штип, Денес се е Џез – Скопје, Куманово Џез Фестивал, Џез Фабрика Фестивал – Битола, Интернационален ден на Џез – Културен и информативен центар – Битола, Кавадарци Џез Фестивал, Бит Фест – Битола и Аудиокултура – Скопје.

До крајот на 2022г. Сашо Поповски трио ќе настапи на неколку интернационални фестивали и тоа: One Jazz Festival (Romania) 21 October, Zalau Jazz Festival (Romania) 3 November, Transilvania Jazz Festival (Romania) 4 November, Punk Jazz Festival Binar (Bulgaria) 25 November.

За 2023г. Европската турнеја за албумот „Fallen Land” ќе продолжи со концерти во Италија, Шпанија, Словенија, Хрватска, Србија, Чешка и Бугарија, како и концерти во Македонија.

„ Во изминатиот период го завршивме и снимањето на нашиот нов албум (фаза на мих и постпродукција) кој ќе биде објавен во 2023г за кој компонирав седум нови композиции, каде покрај стандардната трио формација со Иван Бејков и Виктор Филиповски, имаме и интернационални гости и тоа Оливиер Самоуилан – виола Франција, Васил Хаџиманов – пијано Србија, Александар Секуловски – перкусии Канада, Кирил Кузманов – флејта/саксофон и Ратко Даутовски – перкусии“, ни изјави Поповски.

Повеќе информации можете да проследите на веб страната:

www.sasopopovski.com

Букинг :

[email protected]

 

Related Articles