Home » Долготрајни аплаузи за концертот на триото Долче во Рим

Долготрајни аплаузи за концертот на триото Долче во Рим

by culturalchat

Триото Долче од Македонија, односно Светлана Богданоска Ристоски – флејта, Андријана Дукоска – виолончело и Марија Шамоска Буџаковски – пијано, одржаа целовечерен концерт на реномираниот фестивал „Muzikale delle nazioni- Concerti del Tempietto”, во Рим, Италија . Фестивалот е во организација на Анџело Филипо Ј.Себастианини.

Членките на триото формирано во 2016 тата година, ни изјавија дека се посебно среќни за поканата од г. Себастианини, уметнички директор на Associazione culturale il tempieto за реализација на овој концерт.

„ Фестивалоt се одржува од јуни па се до декември и на истиот учествуваат многу познати музички имиња од светот на класичната музика од целиот свет. Ова беше незаборавно искуство за нас, бидејќи имавме прилика да концертираме во прекрасниот амбиент на римскиот Teatro di  Marcello, пред одлична публика, која не почести со долготрајни аплаузи и цело време извикуваше браво. Сето тоа придонесе нашиот концерт да се реализира на високо професионално ниво на задоволство на двете страни“, ни изјави пијанистката, професорката Марија Шамоска Буџаковски веднаш после концертот.

На истиот беа изведени дела од Вебер, Фаренц, Брамс, Пиацола, италијанскиот композитор Виторо Монти, како и македонското дело „Дојранка“ од композиторот Трајко Прокопиев, со аранжман за пиано трио.

„Организаторот на фестивалот г.Себастианини ни најави долготрајна соработка со нашето трио во иднина, за реализирање на нови, се надеваме уште поуспешни проекти. За крај сакам да истакнам од името на нашето трио голема благодарност до нашите поддржувачи кои придонесоа овој концерт да се реализира: општина Охрид, општина Прилеп, ЈП.Нискоградба Битола, кои ни помогнаа достојно да ја претставиме нашата држава во светски рамки, да се промовираме како уметници и секако да ја промовираме македонската музика“, ни истакна Шамоска за крај.

Трио Долче се радуваат на сите идни заеднички музички доживувања кои со огромно задоволство ги пренесуваат на својата публика во државава, а сега и надвор од неа. Тие активно концертираат во многу градови низ нашата држава (Битола, Прилеп, Штип, Гостивар, Охрид, Кавадарци). Во нивниот изведувачки опус се опфатени композиции од сите стилски епохи.

Овој музички состав, во периодот јануари/февруари 2021 год.  ја освои Првата награда – LAUREATЕ, на Меѓународниот уметнички фестивал  во Италија – Future Stars на фондацијата Sopravista International Festival – Contest, во категоријата Инструментална музика.  Во месец септември 2021 год. ја освои Втората награда на Меѓународниот музички натпревар во Москва, Русија –  International Moscow Music Online Competition. Во месец Декември, на International Online Contest ,, Prometheus “- Италија, триото ја добива Првата награда (Laureate), во категоријата Инструментална музика.

„ Заедничкото музицирање, без разлика дали се работи за проби, концерт или учество на натпревар, за нас најпрво е уживање. Нашите различни карактери и темпераменти прават кохезија која секој нареден пат не носи на различно патешествие, преку она што е парче од нашиот идентитет, а тоа е музиката“, истакнуваат од триото.

Оваа година дел од нивните настапи беа и се : концертите во Велес и Валандово поддржани од Министерството за Култура. Потоа, Концерт во Св. Софија-Охрид, во чест на Јубилејот на Митрополит Дебарско – Кичевски Г-дин Тимотеј односно одбележување и чествување на  двата негови Јубилеи: 70 години од раѓањето и 40 години Света архиерејската должност.

 

Related Articles