Фестивалот „Охридско лето“за публиката ја донесе балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ изведена од Македонската Опера и балет.
Во извонредниот амбиент на Долни Сарај, балетот во девет слики зборуваше за петте жени, кои го одбележале бурниот живот на големиот уметник Пабло Пикасо, за нивниот живот и потрага по љубовта, смртта и слободата.
Режисер и кореограф е Олга Панго, една од најзначајните македонски театарски и балетски кореографи, добитник на најзначајни домашни и меѓунардодни признанија. „Имавме навистина многу предизвици со оваа балетска претстава шетајќи ја низ регионот и секаде наидовме на позитивни критики“, истакна Панго.
Балетската претстава е работена по либрето и драматургија на Сашо Димоски, а во балетска изведба настапија првенките и првенците на Македонскиот Балет: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лoчеи, Агим Бафтии и Ендру Кук.
Во балетот „Госпоѓиците од Авињон“ се користени сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“. Музиката за „Госпоѓиците од Авињон“ ја напиша Калиопи Букле, костимограф на претставата е Раде Василев, асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова, мултимедија и дизајн на Емил Петров. Дизајнот на светло е на Милчо Александров, а Златица Поповска е задолжена за дизајн на шминката.
Денес програмата на Охридско лето продолжи со концертот на трио „Инвентио“ од Италија.