На Свечената академија која се одржа во Центарот за култура, беа доделени четвртоноемвриските награди за едногодишни достигнувања и наградата за животно дело. Одлуките за наградите „4 Ноември“ ги донесе Управниот одбор, во состав претседател на Управниот одбор Габриела Илиевска и членовите Бојан Бојкоски, Марко Јосифовски, Соња Петреска, Мирјана Захариевска-Ралевска, Јадранка Павловска, Методија Илиевски, и Жаклина Наумовска на седницата одржана на 30.10.2024 година.Наградата за животно дело на актерот Борис Чоревски му ја врачи градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски. Чоревски беше предложен заради големото достигнување во областа на уметноста. Борис Чоревски е актер со изграден и дефиниран творечки потенцијал, со широк распон и творечки дијапазон, со висока етичност и професионалност. Потекнува од успешно театарско семејство, и од најмали нозе е присутен во Народниот театар во Битола. Од 1975 год. е постојан член на ансамблот на НУ Народен театар Битола со одиграни околу 150 услоги. Откако го завршил Факултетот за Драмски уметности беше професионално ангажиран во Битолскиот Народен Театар со настапот во пиестата „Елена Четковиќ“ во ликот Вук. Во неа Борис Чоревски покажа дека неговите успешни настапи не се случајни, туку се плод на една извонредна подготвеност и талент. За таа улога ја доби наградата млад актер на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 1975 год. Борис има остварено и многу улоги и во Југословенската драматургија. Помеѓу позабележителните секако се ликовите во „Свечената вечера во погребалното претпријатие“ и „Натемаго на Филозофскиот факултет“ и двете од Иво Брешарн во режија на Владимир Милчин. Во 1999 год. добитник е на наградата за најдобро актерско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп за маестралната креација на ликот на Таткото Полит во „Мачка на вжештениот покрив“ од Т.Вилијамс во режија на Љупчо Ѓоргиевски. За истата улога ревијата „Екран“ му додели награда актер на годината. Таа година и Народниот театар од Битола му ја додели наградата „14-ти Ноември“ за успешна работа на театарската сцена исполнета со креативен набој на модерен актер и богат опус на драмски улоги . Во 2011 год. со улогата на соседот во претставата „Обична приказна“ од М.Ладо Чоревски станува лауреат и ја добива единствената награда на „ФКТ“ Ристо Шишков во Струмица. Неговото исклучително место во актерската мапа, градот Битола го наградува со наградата „4-ти Ноември“ во 1997 год. Во 2011 год. е добитник на наградата за животно дело „Петре Прличко“ што ја доделува Општина Велес и Здружението на драмски уметници на Република Македонија „Џинот“ со која го свртстува во еден од водечките актери на Македонија. За целокупните негови остварувања во театарот, телевизијата и во филмот, Чоревски ја добива заслужената награда за животно дело на 55-то издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“. Со сите овие признанија и награди остава силен печат на актерското мајсторство и на театарскиот живот во Република Македонија, а посебно во град Битола.
Наградите за едногодишни достигнувања ги додели претседателката на Советот, Габриела Илиевска, на следните добитници:
– Факултетот за Информатички и Комуникациски Технологии – Битола. Предложен заради досегашните врвни достигнувања во областа на науката и високото образование. По само 10 години постоење стана факултет со најголем број на студенти во Битола. Како резултат на големата посветеност на наставно-научниот кадар во едуцирање и продуцирање на високопрофесионален ИТ кадар, богатата наставна, научно-истражувачка, стручно-апликативна високообразовна дејност во Битола во последниве години ИТ секторот доживува подем – отворени се повеќе ИТ компании со седиште во Битола.Наставата се одвива во 2 студиски програми на прв циклус, 7 студиски програми на втор циклус и 2 студиски програми на трет циклус. ФИКТ се грижи за студентите да им обезбеди најсовремени ресурси. Формирани се 4 лаборатотии на факултетот, дел од опремата во овие лаборатории се уникатни. Факултетот е коорганизатор на меѓународна Конференција за Применет интернет и ИТ од 2015 год., Меѓународна Конференција за применети Интернет и информатички конференции AIIT 2023 се одржа во Битола на кои беа презентирани рекорден број на трудови, Саем на кариера (Career EXPO 2024), „Паметна околина и паметни алатки“. Во изминатиот период се реализирани и два прекугранични проекти со Грција, два билатерални македонско-кинески научно-истражувачки проекти, два проекти финансирани од Германската служба за академска размена и и многу други проекти.Компанија САЈТИРО ДОО
Предложена заради врвни достигнувања од областа на стопанството. Компанијата Сајтиро ДОО Битола е визионерска компанија за развој на VR (Виртуелна реалност) софтвер која ја трансформира обуката на работната сила преку напредни технологии за виртуелна реалност. Со своите VR решенија имплементирани во повеќе од 100 организации на глобално ниво (САД, Велика Британија, Австралија, Канада и ЕУ) оваа компанија придонесува во индустрии како автомобилската и производствената. Импресивна листа на клиенти се: Тојота, Јагуар Ленд Ровер, Аксалта, ППГ, БАСФ, LKQ, i-Car. Овие решенија придонеасоа за подобрување на перформансата на вработените и оперативната ефикасност, и истовремено намалување на трошоците и ризиците по безбедноста при обуките.
М-р Биљана Стојановска – Ѓуриќ
Предложена поради големо достигнување во областа на литературата и културата, промоција на македонскиот јазик во Риека и во цела Хрватска.
Овие активности што ги иницира Стојановска-Ѓуриќ беа препознаени од Хрватската радио-релевизија, која сними документарец со наслов –„Дворец од букви“ во кој посебно место зазема Битола, како нејзин роден град. Филмот беше премиерно прикажан на ХРТ1 во февруари годинава по повод 21 февруари, Меѓународен ден на мајчиниот јазик. Три години Стојановска-Ѓуриќ беше и учителка по македонски јазик во ОУ „Центар“ во Риека. Им држеше настава на учениците од прво и осмо одделение, а денес Стојановска-Ѓуриќ е лекторка по македонски јазик на Филозофскиот Факултет во Риека, Хрватска. Таа исто така е авторка на бајката „Змејот од Пелистер“ во којашто се појавува реален топос – врвот Пелистер. Оваа бајка е издадена заедно со уште 15 други современи македонски бајки. Во мај 2023 год. Стојановска-Ѓуриќ иницираше и организираше прослава по повод јубилејот 15 години Лекторат по македонски јазик во Риека.Вања Атанасов
Предложен поради големо остварувања во спортот. Тој учествуваше и успешно го заврши екстремниот триатлон „Ironman“ кој се одржа во септември 2023 год. во Р. Италија. Ironman триатлонот претставува една од серијата триатлон трки на долги растојанија организирани од Светската Федерација за Триатлон која се состои од пливање од 3,9 км, возење велосипед од 180,2 км и трчање 226,3 км. Нашироко се смета за еден од најтешките еднодневни спортски настани во светот по екстремни терени и во екстремни временски услови, кои вклучува ноќно пливање во ледени езера и големи промени на надморска височина за време на делот на возење велосипед и трчање. Секој учесник кој ќе го заврши триатлонот во овие временски ограничувања е назначен за Ironman. Вања ја заврши трката за 12 часа и 47 минути. Во 2024 год. учествуваше на уште еден триатлон во Црна Гора на планината Дурмитор каде е прв Македонец кој успешно има завршено ваков тип на натпреварување.
– Бранислав Ангеловски
Предложен поради големо остварување во спортот. Ракометната кариера ја започна во матичниот Пелистер. Стана пионерски, кадетски и младински шампион на Македонија и се наметна во сениорска конкуренција и во младинските репрезентации. Низ децениските настапи во Македонија освои шампионски и куп-титули со Пелистер, Металург и Вардар. Има забележителна и меѓународна кариера исполнета со нови искуства и трофеи. Настапуваше за Загреб, Винтертур (Швајцарија), Тримо Требње (Словенија), Ал-Аин (ОАЕ), Тулуз (Франција), Костанца (Романија). Има вкупно освоено 11 шампионски и 10 Куп-Титули со сите клубови во четири различни земји во својата кариера. 2 децении го носеше дресот на репрезентацијата на Македонија и дел од најголемите успеси на нашиот ракомет, Играчката кариера ја заврши со импресивен проштален натпревар во Битола. Потоа ја започна својата тренерска кариера во националниот тим. Со Мулти Есенс стана младински шампион на Македонија во сезоната 2022/2023, а во првото искуство во Суперлигата ја освои шампионската титула со Еурофарм Пелистер во сезоната 2023/2024.