Со доделување на наградите на најдобрите, заврши годинешното 58.издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
„ Да се создава театарски фестивал во Македонија, а посебно во Прилеп, значи да се бориш со сите ветерници, а истовремено ветрот во грб да ти го дуваат сите помошници од првиот до последниот. Една огромна работилница од 7 месеци, четири работилници тука, една изложба, 11 претстави во официјална конкуренција, пет во придружна, секојдневно учество на Скомрахите, Театроск, Разговори на тркалезна маса, промоции на книги, презентации, ден на Горан Стефановски, филм, музика и дружења. Вие драга публико, сте мојата лична победа, затоа вам јас ви се поклонувам“, рече Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.7 награди отидоа за претставата „Иванов“ во режија на Зоја Бузалковска на Македонскиот народен театар:Награда за рекламен материјал: Зоран Кардула, награда за кореографија и сценски движења: Александар Зарапчиев и Нина Деан, награда за сценографија: Илина Ангеловска, Тодор Дајевски, Зоја Бузалковска, награда за млад актер „Трајко Чоревски“, за улогата Љвов, Евгениј Константинович: Григор Јовановски, награда „Димче Трајковски“ за машка епизодна улога на Павел Кирилич Лебедев оди во рацете на првенецот Ѓорѓи Јолевски, награда за главна женска улогата на Саша, ќерката на Лебедеви, ја доби Дарја Ризова, наградата за режија ја доби Зоја Бузалковска. „Ваков тип на претстава како „Иванов“ не е возможно да го направите ако немате колектив во вистинската смисла на зборот – актерите, цел сценографски тим, која работеше на тоа да биде возможно во овие не баш поволни услови за играње големи претстави, какви што во моментов ги имаме во Прилеп. Во тие услови успеавме да направиме магија, за жал некои луѓе не видоа делови од претставата и многу им благодарам што останаа до крај. За крај, ќе се заблагодарам на жирито, на целиот прекрасен тим“, рече Бузалковска.„Мојата прва професионална претстава беше токму во Прилеп, а ова е моја трета награда токму на „Чернодрински“, моето потекло и корени се од Прилеп. Ви благодарам публико, секогаш е задоволство да се игра пред вас“, видно возбудена истакна актерката Дарја Ризова, примајќи ја наградата за најдобра женска улога за претставата „Иванов“.Нејзиниот колега Ѓорѓи Јолевски ја освои наградата за најдобра споредна улога. Тој истакна дека редовно учествува на речиси секој фестивал.
„Оваа награда ми значи затоа што е награда за тимот што беше на сцената, водена од главниот актер Благој Веселинов, кој беше диригент на таа оркестрација. Благодарниост до целиот тим во МНТ, како мравки работевме на таа претстава и бевме наградени многу од вас, драга прилепска публико“, рече Јолевски.
Претставата на Струмичкиот театар, „Црна дупка“ од Горан Стефановски, а во режија на битолчанецот Љупчо Ѓоргиевски, ги доби следните три награди: награда за уметничко остварување на претстава во целина, што е, всушност, награда за најдобра претстава на Фестивалот. Награда за главна машка улога за актерот Васил Михаил за улогата на Силјан, награда за женска епизодна улога за актерката Анкица Бенинова за улогата на Сања во истата претстава.Наградите беа доделени од страна на фестивалската жири-комисија во состав: Д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев–театарски критичар, авторка, драматург, професор по историја на светска драма и театар на Катедрата за теорија и историја на драмските уметности и анализи на драмското творештво на Катедрата за драматургија при Академијата за уметности при Универзитетот во Нови Сад, Д-р Марина Катниќ-Бакаршиќ – стилистичарка и професор на Академијата за сценски уметности и на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Сараево, БиХ и Варја Ѓукиќ– актер, автор и директор на фестивалот „Одакле зовем“ – Подгорица, (2009).Останатите награди на фестивалот отидоа кај: Награда за музика – Ристо Вртев за „Дупло дно“ на Театарот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, награда за костимографија – Симон Мачабели и Раде Василев за „Едвард Втори“ на Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во копродукција со Драмски театар Масалитинов, Пловдив, Бугарија, награда за современа сценска драматизација и адаптација – „Франкенштајн“ на Театарот за деца и младинци – Скопје, награда за современ драмски текст не се доделува. Награда за млада актерка – Јована Миладинова за Изабел де Валоа во претставата „Едвард Втори“- Театар „Јордан Хаџи Контантинов – Џинот“ Велес и Драмски Театар Масалитинов, Пловдив, Бугарија. Жирито додели и специјално признание за колективна актерска игра на ансамблот на претставата „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани од Народен театар Битола.Иван Јерчиќ, директор на Народниот театар од Битола ја прими наградата за колективно остварување. Наградата за најдобра музика за Ристо Вртев ја прими Томе Темелкоски, кој беше дел од музичкиот состав што ја изведуваше музиката во претставата „На дното“ на прилепскиот театар.Во чест на наградените настапи Добрила и Дориан дуото.