Во рамки на роденденската недела V for DEUS, вечерта посветена на добрината ”V for VIRTUE” се издвојува како најдраг момент од целата програма. Вечер што нè потсети на нешто едноставно, но важно: дека е убаво кога градот знае да се собере за добра причина.
Аукцијата се одржа во атмосфера која беше далеку од формална: тивка, топла и искрено човечка. Наместо голема сцена и церемонија, DEUS создаде интимен простор во кој луѓето што се почитуваат меѓусебе, што ја ценат уметноста и креативниста и што веруваат во заедништво, се собраа со една заедничка цел: собирање на средства за купување на опрема за доброволните пожарникари. Луѓето кои со години го чуваат она што е највредно, нашата природа. Не се платени за работата, но тука се ако затреба екстра помош.
Битолските уметници, дизајнери и креативци несебично донираа уникатни дела. Не донираа за изложба, ниту за видливост. Туку затоа што така почувствуваа. Другата половина од приказната беа посетителите, кои на аукцијата дојдоа без наметнати очекувања, само со желба да помогнат. Ова беше тивка аукција. Затоа и овој осврт во медиумите пристигнува со “доцнење”, затоа што добрината не бара ексклузивни објави. Таа зборува доволно силно сама по себе. Секоја понуда што се даде во текот на вечерта беше мал гест со голема тежина. Вистинска потврда дека малите заедници знаат да покажат големо срце кога е најпотребно. Донатори на уметнички дела и уникатни парчиња беа: Буба Солак Арт, 3/4 by Jasmina, 3xtasy, A-court и None Hybrid Minds.
Целата акција беше поддржана од КОНЕКТ, партнер кој континуирано работи на зајакнување на филантропијата и хуманите иницијативи во земјата. И најубавиот момент? Кога се продадоа сите донирани уметнички предмети и кога стана јасно дека ова беше вечер во која Битола тивко, но силно, застана зад своите херои. Ништо со помпа, само вистински човечки чин.


