Денес со почеток од 20.00 часот ќе се изведе претставата „Бура“ на театарот „Војдан Чернодрински“, НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, во режија на Џон Блондел.
Драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата, костимите, светлото и автор на плакатот е Благој Мицевски, а музиката е на Томе Темелкоски. Играат: Игор Трпчески, Ангела Наумоска, Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Катерина Чакмакоска-Клинческа и Ана Митоска.„Не знам ниту една друга ваква драма што во себе ја содржи целата богата сложеност на животот. Ако имаме среќа да живееме доволно долго, преживуваме бури; се вљубуваме; изневеруваме или сме изневерени; вршиме или трпиме насилство – вербално, психичко или емоционално; претрпуваме загуба; се прашуваме што нѐ чека; се смееме со пријателите; се каеме за грешките и чекориме кон неизвесната иднина. Бурата го содржи сето ова и уште повеќе. Тоа е прекрасно. Претставата е филозофија на животот, барем Шекспир ја понудува како таква преку неговото алтер его – волшебникот Просперо. И обајцата се слика на другиот: уметници кои стареат и прават некаков ред во својот живот движејќи се низ своето последното поглавје. За Шекспир, преку волшебникот Просперо, тајната на животот е да се запамети, а потоа да се прости. Иако првичната намера на Просперо можеби била да се одмазди (тоа не е сосема јасно во текстот), тој наскоро открива дека мора да си прости себеси, а потоа да им прости на другите. Тоа е прекрасна драма, дива и трогателна, која иако е многу стара, истовремено е многу модерна. Неизмерно уживав во работата на оваа претстава, со овие прекрасни луѓе во Прилеп. Сите се надеваме дека ќе уживате“, вели Блондејл.Како што вели големиот романски режисер Ливиу Чулеј, „Класиката е класика затоа што е модерна“. Влезници можете да набавите од следниот линк на веб страната на НУ Народен театар Битола 🌐 https://narodenteatarbitola.com