Home » ДЕНЕС ЗА УТРЕ – Официјално најавени 55. „Илинденски денови“ во Битола

ДЕНЕС ЗА УТРЕ – Официјално најавени 55. „Илинденски денови“ во Битола

by culturalchat

Во фоајето на Центарот за култура – Битола, се одржа прес-конференција на која беше претставена програмата на јубилејното 55-то издание на фестивалот „Илинденски денови“ – најголемиот и најзначаен фестивал на народни песни и игри во Македонија.
Од 18 до 31 јули, градот Битола ќе биде голема сцена за над 70 фестивалски настани: повеќе од 1300 учесници, 30 ансамбли од Македонија, како и гости од Швајцарија, Индонезија, Мексико, Грузија, Полска и Хрватска. Програмата вклучува промоции, изложби, семинари, каравани, улични настапи и концерти.
„Овој фестивал не е само обнова на традицијата – туку нејзино пренесување во иднината. Годинава имаме одличен број странски учесници и богат уметнички и едукативен програм, со кој Битола ја зацврстува својата позиција на мапата на светски фолклорни фестивали,“ – истакна Влатко Илиевски, вд директор на Центарот за култура – Битола.
Традиционалното дефиле по Широк Сокак останува важен дел од атмосферата која го спојува локалното и глобалното. Но, фестивалот не е само сцена – тој е и простор за истражување, критичко мислење и наука.
„Фестивалот е жив доказ дека традицијата не е носталгија, туку динамичен културен процес. ‘Илинденски денови’ успеа да стане дел од светското семејство на CIOFF фестивали токму преку овој пристап – со поглед кон науката за фолклорот, сцената како простор, но и визијата кон иднината,“ – нагласи м-р Валентин Соклевски, човекот кој повеќе децении е координатор на овој голем фестивал.

Во рамки на фестивалот се одвива и Интернационалниот етнографски филмски фестивал, кој годинава бележи рекордна конкуренција – од 2.000 аплицирани филмови, селектирани се 30 документарни остварувања од целиот свет. Овие филмови нудат културни прозорци кон ритуали, песни и живи традиции кои нè поврзуваат, но и различно нè дефинираат.
„Изборот на документарни филмови носи ретка можност – да се слушнат и видат приказни за ритуали, песни, традиции од далечни заедници. Публиката ќе ја почувствува духовната срж на културите кои личат, но и се разликуваат од нашата,“ – изјави Тони Гламчевски, селектор на ИЕФФ.
Фестивалот не застанува на сценските настапи – тој гради мостови преку издавачки промоции, едукативни програми и семинари, на кои ќе се дискутира за иднината на културното наследство и неговото место во современиот свет.

„Ве поканувам на серија предавања, изложби, издавачки промоции и семинари што ќе ја објаснат и визуелизираат сложеноста на нашето културно наследство – и неговиот современ одек,“ – рече м-р Љупка Стефановска, клучен дел од стручниот тим на фестивалот.
Оваа година, визуелниот идентитет на фестивалот е дело на младата уметница Јована Тодороска, инспириран од нејзината изложба „Половина сонце“ – каде сонцето се појавува како симбол на виталност, светлина и космички ред. Естетиката на Јована суптилно се прелева и во визуелната комуникација на фестивалот, правејќи го уште поавтентичен.
фотограф | Диоген Хаџи Коста Милевски

Related Articles