Изложбениот салон на ДЛУБ се претвори во музеј во кој е претставен само еден мал дел од долгогодишниот труд на уметникот Владимир Младеноски, можеби еден од последните припадници на таа генерација уметници-основоположници на модерното во македонската уметност. Имено преку изложбата посетителита имаа можност да се запознаат со делата на уметникот, во кои се испреплетува цела една историја и мисла за сликарството од светски размери но, која се одвива во рамките на местото каде што живее уметникот. „Сликите треба да бидат едноставни, да може секој да пронајде во нив дел од себе и од своето окружување “, вели Младеноски.
„Овде се допираат идеите на социјалниот реализам со колоритниот фовизам, француската со ииталијанската школа; овде се среќава Веронезе со Вермер, универзалното со секојдневното и сето тоа како синтеза во подгорјето на Јабланица. Владимир во овие над 50 години творештво останува доследен на својот стил и учење и како имун на современите текови скромно ни укажува каде и како да ги бараме новитетите во творештво. Секоја негова слика е расказ на едно секојдневие кое со тек на времето се менува и исчезнува пред неговите очи. Ние никогаш нема да ја доживееме природата и околината околу нас со истата автентичност како и нашите предци. Ова поминување на индивидуалната, а со тоа и на општата историја на еден народ, е карактеризирано во неговиот растреперен начин на работа. Владимир, неуморно иинтензивно работи да го долови и сочува овој tempus fugit, овој неповратен и неповторлив момент. Должност е на културните институции да обрнат внимание на овие подзаборавени уметници кои тивко и скромно работат во своите ателјеа и да им го доделат заслуженото место во редовите на македонската уметност“, истакна на изложбата претседателот на ДЛУБ, Васко Ѓоргиев.На изложбата се претставени триесетина дела во техника масло на платно, со традиционална сликарска тематика: фигура, пејсаж, мртва природа; реализирани во периодот од осумдесетите години од претходниот век до денес. Владимир Младеноски е роден на 14.10.1945 година во с.Подгорци, Струшко. Учителска школа завршил во Охрид во 1964 г., а Педагошка академија во 1966 во Скопје во класата на Вангел Коџоман. Како студент, сосвојот професор В. Коџоман. престојува во Венеција, Италија во 1968 г. Член е на ДЛУМ, ДлУБ, ДЛПМ, СУЛЈ. Наградите што ги добива за учество на културните манифестации и детските ликовни колонии, зборуваат за ликовен педагог кој на многу генерации им помогна и ги насочи како талент.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста во периоди од10:00 до 13:00 и од 16:00 до 19:00 часот.