Home » Две награди за „Црно семе“ на Битолскиот театар на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Две награди за „Црно семе“ на Битолскиот театар на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

by culturalchat

Со врачувањето на наградите во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, синоќа заврши 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Аплаузи, воздишки, силни пораки за изградба на нов театар и реновирање на зградата на постоечкиот што е затворен, но и за одличната организација на фестивалот чиј квалитет кој од година в година расте.

„Прилеп е град театар, Прилеп е местото на фестивалот, Прилеп е фестивалот. Прилеп треба да има театар, тоа повеќе не е ниту прашање ниту тврдење, туку насушна потреба“, рече Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот и селектор на програмата на затворањето на фестивалот.Поголемиот дел од лауреатите пристигнаа синоќа во Прилеп за лично да ги подигнат своите награди. Меѓународното жири, составено од Лилија Абаџиева, претседател, Иван Меденица и Нела Оташевиќ ги одбра наградите. Абаџиеца и Меденица ги читаа наградите на македонски јазик.На годинешниот фестивал, НУ Народен театар Битола со претставата „Црно семе“ од Ташко Георгиевски во режија на Андреј Цветановски е добитник на две награди и тоа:
Награда за современа сценска драматизација и адаптација која беше доделена на Јелена Цветановска и  Награда за главна машка улога која беше доделена на Мартин Мирчевски за улогата на „Доне Совичанов“.„Се гордеам што претставата посветена на македонската кауза “Црно семе” освои две значајни награди на Македонскиот театарски фестивал “Војдан Чернодрински”. Честитам на сите колеги кои добија награда на фестивалот и посакувам уште многу успеси. Време е македонскиот театарски фестивал “Војдан Чернодрински” повторно да биде македонски со големо “М”. Продолжуваме посветено да работиме на промоција на македонската драматургија, со македонски уметници овие награди се само поттик да продолжиме по зацртаниот пат. Благодарност до целата екипа на претставата “Црно семе” и целиот колектив на Битолскиот народен театар кои со својата посветеност кон претставата придонесоа да создадеме спектакал кој не се заборава“, изјави директорот на Битолски театар, Васко Мавровски.Покрај нив битолскиот сценограф Валентин Светозарев, ја доби наградата за најдобра сценографија за претставата „Рацин“ во изведба на НУ НТ „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“, Велес. „Мојата професија е архитект. Може никогаш не направив куќа со високи шимшир порти, ама по некоја сценографија направив“. Во чест на наградите, Театар Комедија ја изведе претставата „Вистината 2“ во режија на Владимир Јурц. Покровители на 59. издание на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп.

 

Related Articles