Со доделувањето на наградите на пригодната церемонија и изведба на претставата „Први и последни“ на Народниот експериментален театар од Тирана, во Гостивар заврши седмото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Отело“.
Жирито на фестивалот, Арта Мучај, Ѓорѓи Нешкоски и Адем Карага признанието за најдобра претстава го додели на „Домот на Бернарда Алба“ на Народниот Театар Лесковац во режија на Андреј Цветановски. За најдобар актер е прогласен Никола Ристановски за улогата во „Народен непријател“ на Македонскиот народен театар (МНТ), а за најдобра актерка Сузана Грујиќ за остварувањето во претставата „Домот на Бернарда Алба“ .Наградата за најдобар режисер ја понесе Арбен Кумбаро за „Народен непријател“ на Тетовски Театар.
Годинава во големата сала Центарот за култура „АСНОМ“ од 9 октомври во шест вечери беа изведени претставите на театарските ансамбли: Македонски народен театар, Скопје (МНТ), Драмски Театар „Рачо Стојанов“ Габрово-Бугарија, Косовски народен Театар, Приштина-Косово, Тетовски театар – Тетово, Народен театар Лесковац-Србија и Народниот експериментален театар од Тирана-Албанија.
„Домот на Бернарда Алба“ е работена по текст на шпанскиот автор Лорка.Сценографијата ја потпишува Сергеј Светозарев, а музиката Димитар Андоновски, постојани соработници на режисерот Цветановски, додека автор на костимите е Ивана Ристиќ. Автор на сценското движење е Миодраг Крчмарик, а дизајнот на светло е Радомир Стаменковиќ.
Во раскошната и комплексна претстава „Домот на Бернарда Алба“ гледачот има можност да се впушти во светот на темниот вилает на зачмаената фамилија составена исклучиво од женски ликови. Актерките Сузана Грујиќ, Маја Јанковиќ, Тања Крчмарик, Наташа Пејиќ, Мина Цоциќ, Петра Димитријевиќ и Радмила Коцевска тотално посветено и исклучително ја вовлекуваат публиката во приказната за мајката тиранин и петте ќерки затворени под нејзина команда.
Режисерот изјави дека Лорка е еден од авторите чија поетика и лирика прави неговите текстови да се подложни за нови прочити и низ тоа секоја негова драма станува основа за модерен театар. „Домот на Бернарда Алба“ е текст кој нуди толку многу можности во својата тема, што претставува празник за секој режисер, ама и голема одговорност. Низ работата на оваа претстава можевме да го гледаме создавањето на еден женски свет што страда за своите пропуштени шанси, ги сонува своите соништа и живее со својата фрустрација од тој патријархален свет, а во исто време претставува негов најголем чувар. Приказна за затворот на сите желби, страсти, амбиции и сништа, како и револуција кој постепено ги симнува оковите и се бори да ослободи се она што не прави индивидуи во ова неправедно време.