„ Битола е град со посебна естетика за уметност, без разлика за кој вид станува збор. Би ја издвоил музичката уметност. Сеуште во Битола го има оној градски ,,шмек,, на елеганција и префинетост кога станува збор за концерти“, виолинистот Владимир Костов.
Во Центарот за култура, Битола го доживеа своето прво ексклузивно Candlelight концертно искуство. Под светлината на илјадниците свеќи, камерниот оркестар Профундис создаде амбиент исполнет со топлина, елеганција и вистинска музичка магија – вечер која се памети долго. Тоа не беше само концерт. Беше искуство. Вечер исполнета со емоција, тишина што зборува, звук што дише, и светлина што ги буди сите сетила. Уникатно сценско поставување, внимателно осмислено светло и музика која ги обедини елеганцијата и страста — токму така изгледаше вистинската свечена магија. На ова специјално издание на концерт, кое беше под диригентска палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, како солист настапи битолчанецот Владимир Костов, концерт-мајстор на Македонската филхармонија и еден од најценетите македонски виолинисти. Со својата префинета техника, емоционална длабочина и сценска харизма, Костов ја освојува публиката на сите континенти.
Candlelight концертите се светски феномен кој ја освои светската културна сцена во повеќе од 100 метрополи, меѓу кои Париз, Лондон, Њујорк, Сингапур, Берлин и Мадрид. Она што ги прави овие концерти посеби е неверојатната атмосфера создадена со илјадници свеќи, со која сцената се трансформира во еден магичен, топол и мистичен свет. Битола со овој концерт стана дел од светските метрополи — и токму затоа оваа премиера беше посебна, ретка и незаборавна. За концертот во градот под Пелистер, поразговаравме со виртуозот на виолина, Владимир Костов.
В.К.- „ Битола е град со посебна естетика за уметност, без разлика за кој вид станува збор. Би ја издвоил музичката уметност. Сеуште во Битола го има оној градски ,,шмек,, на елеганција и префинетост кога станува збор за концерти. Да се настапува пред битолската публика секогаш е возбудливо и доста одговорно, имено од споменатите причини. Сите мои колеги кои настапуваат во Битола имаат една доза на позитивна трема и почит. Мене тоа чувство ми е многу добро познато, затоа што тоа е мојата прва сцена, таму беа моите први почетоци. Енергијата која ја дава битолската публика е тоа што му треба на секој солист/ансамбл. Вистинско уживање е да се застане на сцена пред луѓето присутни во салите, да им се даде уметност, музика и длабока почит. Иако ретко настапувам во Битола, секогаш со нетрпение го чекам следниот настап. Непресушен извор на инспирација. Битолската публика не можете да ја излажете“.
Публиката на овие концерти не слуша само музика — таа ја доживува. Ова е формат што создава блискост, тишина и чиста емоција, и претставува современ и уникатен начин на доживување на класичната музика.
В.К.- „Проектот ,,Candlelight’’ е доста застапен во концертните изведби во светот, било тоа да е помал состав, или пак поголем оркестар. Идејата тоа да се направи и кај нас е на камерниот оркестар ,,Профундис’’ , со кого настапував. Ваков проект имаат одржано неколку пати во Скопје и секогаш е проследен со огромен интерес. Уште при првата реализација во Скопје, раководителите на оркестарот ми предложија дека имаат голема желба да го направат и во Битола. Јас со големо задоволство прифатив, се чекаше само моментот кога проектот ќе биде реализиран“.
Колку публиката ги прифаќа ваквите концерти?
В.К.- „Концертите од ваков вид се доста популарни од причина што визуелниот момент на сцената збогатена со илјадници свеќи дава дополнителен стимуланс за доживување на музиката. Ја прави атмосферата посвечена, поинтимна, а со тоа и музиката на поинаков начин се восприема. Се разбира , многу битен фактор е и изборот на програмата. Некои композиции , како во случајот ,,Четирите годишни времиња“ на Вивалди, ви овозможуваат патување низ времето, стотици години наназад. Уживање за очи и уши“, рече Костов и додаде: „Јас сум убеден дека ќе се продолжи со ваков тип на концерти, да може публиката од други градови во државата да види и ужива. Се разбира, доколку тоа го дозволуваат условите, сепак се работи за поспецифичен проект. Сметам дека во секој град има публика жедна за убави настани“.
А по што најмнногу ќе ја памети годината која измина.
В.К.- „Концертот на Македонската филхармонија во ,, Musikverein ‘’ Виена е нешто што дефинитивно ќе остане како едно од најубавите искуства што воопшто сум ги имал и ќе ја одбележи минатата година. Претходеа настапи со камерниот оркестар Ајга на ,,EXPO 2025 ‘’ во Осака, Јапонија. Со овој концерт во Битола во декември, ја заокружив мојата концертна активност за 2025 година. За оваа година посакувам пред се здравје и радост кај сите, плодни проекти и успеси“.
Во рамките на концертот во Битола беше изведена ексклузивна програма составена од ремек-дела на светската и домашната музичка литература, меѓу кои: „St. Paul Suite“ од Густав Холст, „Четири годишни времиња“ од Антонио Вивалди и „Македонско капричо бр. 1“ од Драган Шуплевски. Владимир Костов, е инаку роден во Битола и има блескава кариера со настапи на некои од најреномираните светски сцени: Берлинската филхармонија, Концертхаус – Виена, Линколн центар – Њујорк, Харвард Универзитет и многу други. Добитник е на престижната награда „Георги Божиков“ и е основач на фестивалот „Виолин фест“. Со својот интерпретативен сензибилитет и извонредна техника, Костов претставува симбол на современата македонска виолинска школа.
Фотографии: Диоген Хаџи Коста Милевски 




