32 екипи од 11 градови, 9 стручни училишта се дел од годишениот Креативен ден во Битола. Оваа година ќе се одржи на 28.мај во Битолскиот театар. И овојпат македонски дизајнери ќе дизајнираат заедно со младите од тесктилниот отсек во средните училишта низ Македонија. „Креативен ден“ е настан по иницијатива и идеја на Весна Божиловиќ, продуцент и дизајнер од продукција “Божиловиќ“, на која од првиот настан се придружија професорките Анита Стефановска, Ема Ќука и Живка Танушевска од текстилната струка на СОУ “Таки Даскало“, Битола. Запрашавме: Кој е предизвикот да се биде дел од овој настан?
„ Сакавме да го подигнеме текстилниот смер на повисоко ниво. Текстилот не значи шиење на машина во некој погон, текстилот инспирира, мотивира. Модниот дизајн овозможува самоизразување,истакнување на уметнички и креативен дух. Организирањето на овој настан го промовира нашето работење со учениците, а воедно на градот му дава уште една манифестација на која битолчани можат да уживаат. Покрај тоа што ги реализираме наставните програми зададени од МОН и ЦССО, се залагаме да им пренесеме знаења и вештини на учениците со плетење, везење, ткаење, филцање, вештини кои се повеќе се забораваат и не се практикуваат кај младите генерации. Овие вештини во голема мера ќе им помогнат да бидат уникатни со своите креации кои ги презентираат на вакви модни настани. Покрај традиционалните вештини применуваме и нови методи и техники на пр. како што е 3 Д моделирањето“, истакнаа професорките.
Оваа година темата е Ориент.
„Фокусот ни е на креативниот процес од почеток до крај -од истражување на ориенталната култура и модни влијанија, преку скицирање на модели, до изработка и стилизирање. Сите тимови работат на модели кои се инспирирани од ориентот- богатото културно наследство, декоративните елементи , традиционалните ткаени и колоритни мотиви од истокот. Покрај организацијата на модната ревија ќе има и средби и разговори околу дизајнирањето на облека со познати дизајнери од Македонија. Целта ни е не само да прикажеме облека , туку и целосно визуелно и културно искуство инспирирано од ориентот“.
Колку овој настан помогна и ги мотивира учениците во нивното образование?
„Овој ни е 4-ти настан по ред. Секоја година се забележува поголема мотивираност кај учениците. Исто им овозможува практично да ги применат знаењата што ги стекнуваат на час, но и да ја изразат својата креативност, индивидуалност и тимска работа. Учениците добиваат чувство дека навистина можат да успеат во светот на модата“.
Што значи поврзаноста на теоретската настава со практичната и настани како овој?
„Поврзаноста на теоретската настава со практичната е клучна за вистинско разбирање и развој на вештини кај учениците. Настани како модната ревија ја претставуваат крајната цел на таа поврзаност- се што се учи во училницата, како што се дизајн, текстилни материјали, кроење, изработка и мода низ историјата се претвора во конкретен производ и перформанс. На тој начин учениците учат низ искуство, го гледаат резултатот од својот труд и добиваат самодоверба, сатисфакција и визија за својата иднина“.
Секоја година настанот станува се помасовен.
„Оваа година, ќе бидеме домаќини на 32 тимови од 11 градови, 9 стручни училишта. Секој тим се состои од: талентиран ученик од стручно модно училиште, дизајнер-ментор, кој ги води низ креативните и техничките аспекти на процесот и успешна жена – Дама – која, претставувајќи ја финалната креација на модната писта, ја покажува својата општествено, социјална одговорност,јавно им го признава стекнатото знаење и вештини на младата генерација дизајнери и креативци“.Како дизајнери ментори оваа година ќе учествуваат: Благој Мицевски, Андреј Папаз, Александар Ортаковски, Муамед Маликовски, Монсоло, Екатерина Петреска, Боркица, Христијана Голубовиќ,Сербез, Алшар Силвија Михајловска, Весна Божиловиќ,Бе.оне, Маја Петковска, Маја Андревска, Ирена Стојановска, Снежана Петровска, Анастасија Студио;
Училишта од Скопје, Струга, Прилеп, Богданци, Куманово, Штип, Виница и домаќинот Битола.
ВИП гости: Никола Ефтимовски, Ивана Кнез, Елена Лука, Татјана Алексиќ, Ивана Ангова, претставници од Текстилен Кластер. Поврзаноста со бизнис секторот е во насоката на тоа што моделите ги носат успешни деловни жени од Битола, а собраните средства одат за подобрување на практичната настава. КРЕАТИВНИОТ ДЕН еволуира во нешто многу поголемо, тоа веќе не е само еднодневен настан, туку растечка заедница на иноватори, едукатори и претприемачи кои веруваат во моќта на модата како професионален пат и алатка за промени, се трансформира во вистинска Модна Зона.