„Книгата е замислена, и е конципирана да потсетува на музички албум. Откако паметам за себе сум сакал да бидам тапанар во некоја група (и бев – некое време – во една група додека бев средношколец) и животна цел ми е да издадам носач на звук (и тоа, ќе мора да биде – на плоча). Така, кога збирката раскази почнуваше да се крчка кај мене во главата, и да ги поприма контурите – ми текна дека секој еден расказ би требало да измерам колку време ми е потребно за да го прочитам (исто како што покрај секоја музичка нумера на компакт-дискот, плочата или на YouTube има назнака колку време трае истото)“, вели авторот Јордан Николов за своето најново книжевно дело.
Имено книгата со наслов „ОбојОбојОбој“беше промовирана во КЦ „Магаза“, Битола. Збирката раскази, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е најново прозно остварување на авторот, битолчанец, книжевник и диџеј.
Промоторка на книгата беше Бисера Бендевска, уредничка во „Арс Ламина“.
„Во светот на Николов, сите обични појави во малиот град/малата соба (исклучиво во физичка смисла на зборот!), дури и оние што се толку обични тукуречи невидливи за сите освен за ексцитираното око на Јордан, добиваат митски статус, стекнат преку избрусена смисла за хумор, пародирање, первертирање и очудување, така што локалните теми добиваат универзална виза“ – истакна промоторката.
Во оваа книга по првпат (колку што му е познато на авторот) се применува методот на Бјордан (Byordan) – техника за одредување просечно времетраење на едно книжевно дело (вредност дефинирана откако бил тестиран примерок од 37 случајно одбрани читатели во различни временски услови, расположенија, периоди од денот, местоположба, замор и исцрпеност од работни обврски или наспани и одморени разгалени студенти, влијанија од кофеин, алкохол или слични стимуланси или отсуство од нив…). Накусо: тоа е времетраењето потребно за едно книжевно дело (во овој случај – расказите) да се прочита во вообичаени, секојдневни околности.
Покрај впечатливата корица (како грамофон со плоча), прво нешто што паѓа во очи е насловот на книгата. Го запрашавме Николов од каде идејата за ова име?
Ј.Н.- Првичната намера (кога се думав како да ја насловам збирката раскази) ми беше да биде: „Обој!“ (глагол во императив) кој го сметав како соодветен за конкретната друштвено-политичка состојба во која се наоѓавме во периодот кога требаше да се издава книгата – 2021 (а во кој сè уште се наоѓаме): пандемија, светска економска криза, и генерално – општо пукање по шавови на една општествена парадигма – а јас сакав да фрлам „боја“ врз целото сивило кое нè опкружуваше – кога (изговарајќи го наглас, дома, пред компјутер) сфатив дека во него има простор за игра на зборови на три нивоа. Имено: да обоиш нешто на македонски јазик, кажано набрзина и три пати на англиски јазик значи лелекање (Oh boy! Oh boy! Oh boy!) – што исто така одлично соодветствува со општото расположение во светот, и трето: со оглед на тоа дека уметничкото име како DJ ми е B.Boy – и таму, по звучност, го имаме бој. Така се одлучив на „ОбојОбојОбој“ – што би требало, во исто време, да повикува на очаен повик „Дајте да си ги обоиме животите“, и ЛелеЛелеЛеле – лошо ни се пишува!
„Книгата е замислена и е конципирана да потсетува на музички албум“, вели Николов.
Ј.Н.- Откако паметам за себе сум сакал да бидам тапанар во некоја група (и бев – некое време – во една група додека бев средношколец) и животна цел ми е да издадам носач на звук (и тоа, ќе мора да биде – на плоча). Така, кога збирката раскази почнуваше да се крчка кај мене во главата, и да ги поприма контурите – ми текна дека секој еден расказ би требало да измерам колку време ми е потребно за да го прочитам (исто како што покрај секоја музичка нумера на компакт-дискот, плочата или на YouTube има назнака колку време трае истото). Значи, ќе си уклучев штоперица и ќе почнев да си ги читам расказите со некое темпо кое го сметав дека е со средна вредност. (Ни пребрзо – оти се мои твoрби и знам што следува во текстот, ниту пребавно, едноставно – некако насредина.) Интересно (а мора да признам и дека се гордеам) е дека ова техника за одредување на времетраење на еден текст ми светна пред 2017-та (доказ за тоа е „Играчките на д-р Бре“ и неговото датирање) е своевиден мој „трејдмарк“. По некое време (сосема случајно) налетав на еден новински напис дека во некој град во Белгија (или, Франција – не се сеќавам) на автобуските постојки поставиле некаков вид автомати кои печателе кратки прозни дела (по формат и должина на поголема фискална сметка) во зависност од тоа колку време конзументот имал на располагање или време за тепање додека го чека автобусот. На пример: гледаш дека до следниот автобус имаш седум минути и четириесет и седум секунди па разгледуваш од „менито“ на автоматот кое дело е со приближно толкаво времетраење и кликнуваш да ти се испечати. Види, мајката – си реков, и се озарив. И една многу добра пријателка (ако не и најдобрата) таа метода (тогаш, во 2017) ја применила во описот на деловните мејлови кон потенцијалните клиенти – дека времето кое ќе треба да го посветат на понудата им е назначено во subject-от на мејлот. Ми рече дека резултирало со многу успешни зделки. Сега, гледам, како коментар за многу содржини на интернет во заграда стои и „reading time“. Пионир бев и во Титово време .
„Замислени како музички секвенции, расказите на Николов брзо прескокнуваат од една тема на друга, меѓутоа никогаш на начин на кој нешто ќе остане недокажано. Напротив, во манир на искусен раскажувач, Николов го исцрпува токму она што е потребно од наративниот објект и го претекува во ефективен наративен фрагмент“, вели Илија Упалевски во освртот кон делото.
Ј.Н.- Жанровски, и со книжевен јазик (искрено) никогаш не сум се помислил како би ги дефинирал. Сметам дека се од широк дијапазон (од сатирични, романтични, комични, дневнички… Оставам на книжевните критичари да ги стават „во фиоки“ доколку сакаат…) Веќе претходно (неслучајно) го нафрлив пристапот remix на литературно дело – по тоа би сакал читателите да ме одделуваат од другите автори.
Расказите се пишувани во период од 2002 година (кога по првпат добил награда во „Студентски збор“ на конкурсот за краток расказ), па сè до неделите пред книгата да излезе од печат. Инспирација и информации црпел од: Акаша (основа и суштина на сите нешта во материјалниот свет според хиндуизмот).
Ј.Н.- Мислам дека сите автори, врти-сучи, всушност, цело време пишуваат за себе (односно за слоевитоста и комплексноста на нашето битие и како тоа е во корелација со останатите души – без разлика дали се проектираме во машки или женски лик, во ова или она епоха, или на ова географска одредница или во онаа далечна галаксија). Јас не сум исклучок. Сè уште не сум начисто дали способноста сè да се забележува во секојдневието е дар или проклетсво. Некако, како што одминува времето, и како повеќе се култивираш – сè полесно ги „скенираш“ ликовите кои продефилуваат низ твојот живот: мили луѓе, фејкери, љубови, фејк-љубови, енергетски вампири, манипуланти, психопати… Со што доаѓам до одговорот за тоа кои личности се опфатени во книгата.
Ова не е прво дело на Николов. Во 2017 година, во рамките на фестивалот „Скопје Креатива“, беше издадена неговата збирка раскази „Играчките на д-р Бре“. Во прилог на книгата имало и компакт-диск со скици од негова авторска музика, како и четири „ремикси“ на некои од неговите раскази напишани од негови драги пријатели. Најчесто пишува раскази, повремено создава поезија и има напишано еден (сè уште необјавен) роман.
Николов е активен протагонист во културната сфера на Битола како диџеј, колумнист и писател во локален неделник, радиоводител и уредник на сопствена емисија, соработник како грамофонџија во првата постава на „Фолтин“ и „Љубојна“, (кратко) сопственик на книготека на Широк сокак.
По официјалното претставување на книгата, во „Магаза“ следуваше диџејски настап на авторот Николов.
Книгата „ОбојОбојОбој“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk
Неда Маретиќ