Home » Гудачкиот ансамбл „Антео“ го започна одбележувањето на Денот на Св.Кирил и Методиј

Гудачкиот ансамбл „Антео“ го започна одбележувањето на Денот на Св.Кирил и Методиј

by culturalchat

Со концертот на гудачкиот ансамбл „Антео“, во црквата „Света Софија“ во Охрид, започна одбележувањето на 24.Мај – Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј.

Владата оваа година по повод овој празник, го организира дводневното свечено одбележување под мотото „Писмото е нашиот универзум“. Свеченото одбележување започна во колевката на словенската писменост.

„ Во Охрид – балканскиот Ерусалим и седиштето на Охридската Архиепископија, преку низа настани ги празнуваме ликот и делото на основоположниците на словенската писменост, светите Кирил и Методиј и нивната непроценлива хуманистичка и космополитска мисија. Овој голем ден се одбележува и слави повеќе од век и половина во словенскиот свет, како ден на културата и просветата“, стои во соопштението од Владата.

На концертот присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорката на „Охридско лето” Наташа Поповиќ, пратеници, професори, научници, лингвисти, книжевници.

Ансамблот „Антео”, изведува музика на светот и ја инкорпорира во македонското звучно милје во кое се вткаени традицијата и современоста.

Музика која е авторска, но која во себе содржи влијанија од музиката родена под поднебјата на Франција, Шпанија, Балканот – или спој од западните класични вредности во фузија со богатиот фолклор на различните народи кои живеат и творат на македонската почва.

„Антео” свират музика со жар и страст, со разновидна ритмика и впечатливи мелодии кои создаваат слика на живописен пејзаж. Во ансамблот членуваат: Сашо Поповски, Владимир Крстев, Иван Бејков, Биљана Јосифов, Филип Димишковски, Драган Теодосиев, Марија Михајловска.

По повод државниот празник, програмата продолжи во Охрид со: панел-дискусијата „Македонскиот јазик во словенскиот свет” на која воведен збор имаше премиерот Ковачевски, по што беше положено цвеќе пред споменикот на светите Кирил и Методиј. Во Плаошник се одржа централната свеченост на која обраќање имаше премиерот.

Овој голем ден се одбележува и слави повеќе од век и половина во словенскиот свет, како ден на културата и просветата.

Фотографии: Фејсбук профил- премиер Ковачевски,

Фејсбук профил- Билјана Јосифов.

 

 

 

Related Articles