Со дефиле во центарот на Прилеп на 50 гајдаџии од цела Македонија, утревечер ќе започне 50-тото, јубилејно издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Во двете фестивалски вечери, утревечер од 19 часот на летната сцена од плоштадот Александрија во Прилеп, а в сабота на Рудина Долнени, ќе настапат околу 300 изведувачи на изворниот мелос. Фестивалот одбележува голем јубилеј, пет децении постоење и ја исполнува задачата за зачувување, негување и пренесување на помладите генерации на богатиот изворен мелос. Во 1974, по иницијатива на светски признатиот гајдаџија Пеце Атанасовски и етномузикологот Живко Фирфов, Илија Лашкоски и други ентузијасти, во Долнени и Прилеп се одржа првиот регионален натпревар во гајда. Со поддршка на тогашните институции, натпреварот прерасна во Републички фестивал на народни инструменти и песни „Марко Цепенков„. По смртта на Пеце Атанасовски во 1996 година, со одлука на Советот на Фестивалот, Фестивалот го носи името на неговиот основач и е регистриран како Фестивал на народни инструменти и песни „ Пеце Атанасовски“. Овој Фестивал е единствен во земјава и на Балканот, и главна задача му е да ги сочува од исчезнување древните и драгоцени вештини на свирачите на народни инструменти и пејачите на изворните народни песни. Фестивалот има меѓународен карактер и на истиот изминатите години учествувале околу 10000 инструменталисти од Македонија и надвор од неа. Токму ваквиот интерес на учесниците ја определува и ја прави специфична мисијата на фестивалот, со која се овозможува презентирање на својот фолклор, размена на искуства, развивање на пријателства и комуникација меѓу народите.
М-р Горан Василески, претседател на Фестивалот, за програмата на јубилејното издание ни рече:
„Како јубилејна година, ќе имаме доста богата програма, со доста активности и пропратни манифестации. Имено, започнавме на 3. Јули, со семинарот за изучување на традиционалните инструменти и песни на кој 15-тина семинаристи имаат можност да ги слушаат предавањата и практичната настава на проф. д-р Родна Величковска, проф. д-р Горанчо Ангелов, доц. д-р Стојанче Костов и м-р Горан Василески. Истиот ќе се одржува до 5.јули. Во петок на 5. Јули во 11 часот во НУЦК „Марко Цепенков“ ќе имаме промоција на веќе традиционалниот зборник на трудови насловен како „Фолклорот во минатото и денес“ во кој 10-тина еминентни научници, секоја година објавуваат свои трудови од областа на фолклористиката, етнологијата, етномузикологијата, етнокореологијата и други слични научни дисциплини. Веднаш потоа ќе биде и промоцијата на монографијата по повод 50 годишниот јубилеј, насловена како „Непресушен извор – за навек“. Првата фестивалска вечер ќе биде во Прилеп на 5 Јули во 19 часот со спектакуларно отворање со 50 гајдаџии од цела Македонија со познатото авизо на фестивалот „Отидов село Долнени“. На крајот од првата фестивалска вечер ќе биде ревијалниот настап на вокално-инструменталниот состав при Н.У. Танец од Скопје. Во сабота на 6. Јули во 11 часот во спомен-куќата на фестивалот „Пеце Атанасовски“ во Долнени ќе биде потпишан меморандум за соработка со манифестацијата „Зборот на Конески“ и КЕЦ „Небрегово“, а вечерта од 19 часот во амфитеатарот на месноста Рудина во Долнени ќе биде втората фестивалска вечер“.Колку е голем предизвикот за се организира еден ваков реномиран фестивал?
„Имајќи во предвид дека ретко кој фестивал во Македонија може да се пофали со 50 години постоење, навистина е огромна чест да си во организациониот тим, но истовремено е и огромна обврска бидејќи имаме задача да го продолжиме континуитетот на идејата на основачите на овој фестивал, големиот Пеце Атанасовски, Живко Фирфов, Илија Лачкоски и др“, додава Василески.
Колку учесници има вкупно и како ги селектирате?
„Оваа година имаме околу 300 учесници во двете фестивалски вечери, групи и поединци кои почнувајќи од средината на Март се пријавуваат за нивно учество на фестивалот. Селекционата комисија во состав проф. д-р Родна Величковска и доц. д-р Стојанче Костов имаат тешка задача да ги одберат и селектираат најдобрите кандидати да се претстават пред прилепската и долненската публика“.Колку е овој фестивал на еден начин и едукација на младите да се свртат кон македонскиот фолклор и традиција?
„Токму така, уште од самиот почеток целта на фестивалот била зачувување на традиционалните инструменти и песни, нивно презентирање пред публиката, како и меѓусебно дружење и размена на искуства на самите натпреварувачи. Можам да кажам дека сонот на Пеце Атанасовски е остварен со самото тоа што традиционалните инструменти кои до пред 20-тина години беа во фаза на изумирање, денес претставуваат еден хит и меѓу помладата генерација со самото користење и употреба на традиционалните инструменти во различни прослави, свадби и фестивали. Континуитетот на овој фестивал е загарантиран со самиот факт што има доста млади таленти и ентузијасти кои ги негуваат традиционалните инструменти и песни“.По повод јубилејот, Фестивалот ќе додели 10 статуетки и 50 благодарници на поединци и институции кои го помогнале растежот на оваа национална манифестација. Генерален покровител е Министерството за култура, а покровители се локалните самоуправи на Прилеп и на Долнени.