ГОРОЦВЕТ
Ќе се раскинам на парчиња
Ќе се распрскам
Да сум насекаде за секого.
Скината пупка од гороцвет
Да бидам,
Да сум безлична
Невидлива, во целата трева
Околу мене.
Да се слеам со сè
да се направам сè
Ќе лежам тивка и ќе венеам
од моето семе
да се родат други цветови,
да се преродам.
На 02.04 во Свечената сала на Офицерскиот дом, ќе се одржи настанот со наслов „Гороцвет“, вечер на музика и поезија. На истиот ќе настапат професорките Маја Митровска (сопран) и Јана Четелева Белевска (пијано), а гостин ќе биде актерката Соња Михајлова.
Ќе се изведат дела од Ф.Шопен, В.Белини, С.Рахмањинов, С.Кардило и Т.Прокопиев.
Професорката Митровска не информираше дека за прв пат со професорката Четелева Белевска соработувале за време на студентските денови. Минатата година ја обновиле соработката со настап на годишниот концерт на професорите од Државното музичко училиште. Овој настан најавува понатамошна соработка меѓу нив.
„ Соња Михајлова е наша драга гостинка на настанот, актерка која ќе ги оживее моите стихови“, додава Маја. Настанот ќе се одржи со почеток од 19 часот и истиот е поткрепен од Општина Битола.