„Кога станува збор за хорски колектив, меѓусебната поврзаност е една од најважните нешта кои даваат додатна вредност и долготрајност на тој ансамбл. Отсекогаш сум се стремел во моите ансамбли да наметнам атмосфера на заедништво и дружење. Неверојатна е позитивната енергија со која се полниме сите на дружењата после некоја од пробите, а особено на турнеите. Одговорноста да се претставува сопствената држава и култура на висококвалитетен настан е голема“, вака го започна разговорот со нас македонскиот реномиран диригент, маестро Сашо Татарчевски после успешниот настап со хорот во Унгарија, а пред концертот во Битола.
Женскиот младински хор при МКЦ. Скопје, а под диригентска палка токму на битолчанецот Татарчевски, учествуваше на 14- тото издание на интернационалниот фестивал на хорови во Унгарија, Cantemus International Choral Festival. Оваа година хорот одбележува 50 години постоење. Хор кој е македонски хорски бренд и кој моментално котира многу високо на светската хорска сцена. Голема заслуга токму за успешното опстојување на овој хор, има диригентот Татарчевски кој веќе 18 години раководи со истиот.
Во неговото портфолио не е само овој хор, тој е диригент во повеќе ансамбли и професор на ФМУ. во Скопје, каде предава група предмети од областа на диригирањето, раководи со факултетскиот хор „Драган Шуплевски“ и камерниот оркестар “Солисти на ФМУ. Со концертот во Битола Татарчевски ќе одбележи уште еден јубилеј и тоа 25 години од неговиот прв настап како диригент, чија успешна приказна започнува во Битола.
Какво е чувството после концертите во Унгарија?
С.Т.- Чувство на исполнетост, среќа и уваженост. Поминаа веќе неколку дена откако се вративме, но тие пријатни чувства не ги напуштаат ни хористките ни мене. Се уште разговараме за тоа, разменуваме фотографии и видеа и си ги прераскажуваме случките во текот на 6-те дена колку што траеше фестивалот “Cantemus”.
Кои се впечатоците?
С.Т.- Сум бил на многу интернационални настани со различни ансамбли и веќе навистина можам да ја направам разликата помеѓу добро организирани, не толку добро организирани и одлично организирани настани. Овој фестивал влегува во категоријата на одлично организирани настани. Домаќините не штеделе ни време, ни средства, ни ангажман за да направат настан на највисоко ниво и настан за паметење.
За каков фестивал се работи?
С.Т.- Се работи за еден од најквалитетните хорски фестивали воопшто. Се одржува на секои две години и е во организација на хорскиот институт “Cantemus” кој го раководи легендарниот унгарски диригент Денеш Сабо. Високото ниво не се однесува само на организацијата, туку и на ансамблите кои се поканети да учествуваат. Јас сум бил присутен на фестивалот и пред 6 години како специјален гостин и советник, но оваа година имаше едно посебно чувство на полетност и радост поради фактот што ова претставуваше рестарт после потопот кој ја снајде хорската уметност за време на короната. Институтот “Cantemus” е семејство на шест хорови и сите нивни членови се вклучени во организацијата на фестивалот. Токму поради тоа се тече беспрекорно, а настанот ја има максималната поддршка на локалната власт како и бизнисите од пошироката област. Секако, како настан со висока културна вредност фестивалот е финансиски поддржан и од унгарската влада и од европски фондови.
На истиот Женскиот младински хор беа дел од 4 концерти. Што избравте како репертоар?
С.Т.- На првиот, кој се одржа во една огромна реформаторска црква во градот Њирбатор, изведувавме програма со духовни хорски композиции. Концертот кој се одржа на плоштадот во Њиреѓхаза беше наречен фолклорна вечер и тука секој од ансамблите се претставуваше со композиции кои го отсликуваат фолклорот на нивните земји. Ние настапивме со три фолклорни обработки од македонски автори. На концертот кој се одржа во културниот центар во винскиот регион Токај, настапивме со разноврсна програма со која го покажавме широкиот дијапазон на стилови со кои владее Женскиот младински хор при МКЦ. Настапивме и на гала концертот, секако со македонска хорска музика. Освен нашиот репертоар, девојките учествуваа во подготовка и заедничка изведба на уште девет други композиции кои се пееја од сите учесници на завршниот гала концерт.
Колку сте горди и Вие и хористките кога го гледате македонското знаме помеѓу сите останати на фестивал со голем број на учесници?
С.Т.- Одговорноста да се претставува сопствената држава и култура на висококвалитетен настан е голема. Морам да нагласам дека девојките од хорот, како и секогаш, беа на висината на задачата. Не само што ги освоија симпатиите на публиката и сите останати учесници со квалитетот на изведбите, туку и со однесувањето, ведрината и живоста со која зрачеа за време на целиот фестивал. Од домаќините добивме огромна почит и уваженост и по подолго време воопшто не ги чувствувавме стегите на нелогичните политички претумбации кои ни го одзедоа основното човечко достоинство. На фестивалот учествуваа хорови од САД, Италија, Естонија, Турција, Грција, Шпанија и Унгарија, како и диригенти од Јапонија, Бугарија, Шведска и други земји. Комуникацијата и соработката со сите нив беше извонредна. Посебен интерес за дружба со нашите девојки пројавија девојките од грчкиот женски хор, откако имаа можност да ја слушнат нашата изведба на концертот во Њирбатор.
Оваа година Женскиот хор при МКЦ одбележува 50 години постоење. Со настапот на ТЕХО 2022 ја започнаа серијата концерти и гостувања со кои достојно го одбележуваат големиот јубилеј.
Што ова значи за Вас и за македонската хорска сцена?
С.Т.- Женскиот младински хор при МКЦ е македонски хорски бренд кој моментално котира многу високо на светската хорска сцена. Не зборувам за лажни листи за рангирање на профитни хорски организации, туку за реална перцепција во рамки на хорскиот свет. Она што треба да се знае е дека ваквиот статус го уживаме и покрај минималната поддршка која ја добиваме дома, што секако е еден голем срам за нашето општество. Јубилејот 50 години не отсликува само континуирано постоење. Во случајот со ЖМХ тоа претставува 50 години успешна приказна, стотици едуцирани и воспитувани девојки, огромен вложен труд, голем ентузијазам и констатнта борба со некултурата, неквалитетот и неразбирањето. Во овој хорски бренд се вградени имињата на диригентите Драган Шуплевски, кој го оформи хорот во 1972 година, Запро Запров кој го проби патот до југословенските и европските фестивали и Емилија Лале која продолжи по тој пат. Јас сум со хорот веќе 18 години и работам со истиот жар и ентузијазам како на почетокот. Се надевам дека општеството нема да остане и понатаму слепо за квалитетот кој си го поседува во овој ансамбл. Тоа треба да е така во секоја област од живеењето.
Која е “тајната формула” за успешното опстојување толку долго на еден хор?
С.Т.- Најголемиот дел од рецептот не е тајна. Пред се, раководителот треба да е човек со високи професионални квалитети и карактерни особини кои се поврзани со лидерство и организација. Следат заинтересирани и одговорни хорист(к)и, многу знаење, работа, размислување, истражување, правилна репертоарска политика, паметно бирање на настани на кои се настапува. Секако, во рецептот мора да го има и делот на логистика, односно каде и во какви услови се работи, колку финансиска поддршка се добива, колку луѓе помагаат во работата на хорот. Кога станува збор за ЖМХ, можам да кажам дека само двата последни елементи кои ги набројав не се на нивото на квалитетот и значењето на хорот. Но, мојата филозофија е дека нема време и потреба од жалење и кукање за тоа што некој (кој е платен за да го прави тоа) не си ја врши квалитетно својата работа и не ги распределува народните средства според резултатите, квалитетот и успесите во презентирањето на македонската култура. Напротив, треба да се работи уште поупорно за постигнување на најдобрите можни резултати во дадените услови. Има уште една многу важна состојка која е потребна за успешно функционирање и опстојување на еден ансамбл, ама гледам дека сте ја одвоиле во следното прашање.
Од моето членување при овој хор пред многу години, она што останува во сеќавање се пред се дружењата и функционирањето на хорот како едно семејство. Колку е ова важно?
С.Т.- Било која групна активност бара добра соработка помеѓу учесниците. Но, кога станува збор за хорски колектив, меѓусебната поврзаност е една од најважните нешта кои даваат додатна вредност и долготрајност на тој ансамбл. Отсекогаш сум се стремел во моите ансамбли да наметнам атмосфера на заедништво и дружење. Како што кажавте и сама, дружењето во ЖМХ е извонредно. Неверојатна е позитивната енергија со која се полниме сите на дружењата после некоја од пробите, а особено на турнеите. Дури и долгите патувања со автобус не изгледаат толку тешко кога сте со група која во секој момент наоѓа нешто интересно за правење или разговарање. Можам да признам дека таа атмосфера е изворот на енергија за мојот ентузијазам со кој работам со овој ансамбл. И да, особено на турнеите хорот навистина функционира како едно големо семејство.
Во годината во која го славите јубилејот кои се плановите за одбележување покрај настапот во Унгарија?
С.Т.- Согледувајќи ја неповолната финансиска ситуација на почетокот на годината, беше предизвик да се осмисли достојно одбележување на овој огромен јубилеј. Но, како што кажав, наместо да се жалам, одлучив да си го искористам „кредитот“ кој го имам кај многубројните колеги и пријатели во Македонија и во странство, така што успеавме да направиме едно чудо успешни работи, всушност највеќе од било кога.
Освен учествата на меѓународните фестивали ТЕХО и Vox Lichnidos во Тетово и Охрид, ЖМХ беше еден од главните протагонисти на меѓународниот хорски форум во Струга. Како една огромна симболика, на овој настан заедно прославувавме ист јубилеј – 50 години – со еден од најпознатите момчешки состави во светот, Хорот на момчиња на националната опера на Естонија со нивниот диригент Хирво Сурва. Продолживме со учество на фестивалот “Singing bridges” во Нови Сад, како дел од програмата на манифестацијата „Европска престолнина на културата за 2022“. И таму имавме извонредно претставување пред многу странски колеги и ансамбли. Следеше учеството на прекрасниот фестивал „Cantemus“, а до крајот на годината ќе продолжиме со концерти на македонските сцени. Во Битола настапуваме на Бит Фест на 28ми август заедно со нашите пријатели, камерниот хорот на универзитетот „Адам Мицкјевич“ од Познањ, Полска. Заедно со нив и уште неколку македонски хорови ќе реализираме и еден мини хорски фестивал на 2ри септември во македонската филхармонија. Во октомври настапуваме на хорски фестивал во Штип, а за крајот на годината планираме и голем концерт во Скопје со кој ќе го заокружиме прославувањето на јубилејот.
Добитници на бројни награди и признанија низ светот, што наградите значат за сите вас?
С.Т.- Музиката и уметноста не ги перципирам како спорт и наградите јас ги разбирам како признание и разбирање на квалитетната работа од страна на мои колеги музичари. Но, за девојките од хорот тие награди значат многу. Впрочем, интернационалните натпревари посебно ги мобилизираат младите луѓе (поради природната компетитивност која ја поседуваат на таа возраст) и со тоа индиректно ми помагаат за многу брзо време да го подигнам нивото на ансамблот. Бројните највисоки награди и признанија кои ги има добиено ЖМХ во странство веројатно треба да бидат многу поважни за нашето општество и органите кои се задолжени за поддршка на најквалитетните групи и поединци, бидејќи се показател кој колку и како работи и на кој начин ја презентира нашата култура пред светот. Секако, не сите награди се со иста тежина и значење. Постојат многу натпревари каде награди се делат на кило. Тие не вредат ништо, а ние не одиме на такви натпревари.
Но Татарчевски не е диригент само на женскиот хор при МКЦ. Кои се ансамбли се во Вашето портфолио и со кој ансамбл е најголем предизвик да се диригира?
С.Т.- Покрај сиот ангажман кој е потребен за успешна работа на ЖМХ, мене овој ансамбл ми претставува всушност релаксација од се друго што правам :). Јас сум професор на факултетот за музичка уметност во Скопје каде што предавам диригирање и раководам со факултетскиот хор „Драган Шуплевски“ и камерниот оркестар “Солисти на ФМУ“ (секој со своја програма и активности). Имам (пре)полн фонд часови како и голем број студенти на постдипломски и докторски студии. Пред 11 години го оформив и професионалниот хор „Про Арс“. Со тој ансамбл работам континуирано на самостојни концерти како и проекти во соработка со Македонската филхармонија и други инструментални ансамбли. Често снимаме музика за филмови, серии, реклами, компјутерски игри, едукативни програми, музички албуми и.т.н. во студиото FAMES. Да споменам само неколку проекти од А светската продукција како филмовите “Superman red son” – DC comics, “Zhong kui- snow girl and the dark crystal” на оскаровецот Питер Пау, “The last warrior” – Disney, “Doom – Annihilation” – Universal studios, како и реклами за Фанта, Порше и др. или музиката за компјутерската игра “Pentakill – Blade of the Ruined King” и многу други (за некои се уште не смеам да откривам детали).
Во истото студио редовно снимам музика и со гудачкиот и со симфонискиот оркестар, а диригирам и на концерти на Македонската филхармонија. Мислам дека е доволно 🙂
Инаку за мене сите типови на ансамбли претставуваат подеднаков предизвик. Од детски хор со кој пееме едногласна композиција до огромен вокално-инструментален состав со кои изведуваме најсложена партитура. И едното и другото бараат максимален ангажман и посветување доколку целта е високо ниво на музицирање.
Женскиот младински хор при МКЦ ќе одржи концерт во Битола, родниот град на Татарчевски, во рамките на Бит фест на 28 август во Офицерскиот дом со почеток од 21 часот.
Каков е предизвикот да се настапува пред битолската публика?
С.Т.- Па секогаш е интересно да се вратам таму каде што почнав. Имено, токму во Битола пред 25 години го имав и првиот самостоен концерт како диригент, така што оваа година за мене е навистина исполнета со јубилеи. Битолската публика е специфична. Во последниот период има можност да следи многу настани поврзани со музиката, така што тоа е публика која има чувство за ниво и квалитет. Постоењето пак на музичкото училиште прави во таа публика да има и многу музички образувани индивидуи. Мене ќе ми претставува задоволство да настапувам во обновениот офицерски дом после толку многу години. Пред 25 години акустиката таму беше извонредна, сигурен сум дека е така и сега.
Сашо Татарчевски е роден во Битола каде што и го започнал своето музичко образование, а дипломирал и магистрирал на катедрите за оркестарско и хорско диригирање на ФМУ во Скопје во класите на Фимчо Муратовски, Драган Шуплевски и Саша Николовски. Своето усовршување го продолжил на мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Сартеано, Санкт Петербург и Фиренца, соработувајќи со познати диригентски имиња како што се Хелмут Рилинг, Франческо Каротенуто, Марк Горенштајн, Михаил Јуровски и Сајмон Керингтон. Настапувал со разновидни ансамбли како што се Македонската филхармонија, Битолскиот камерен оркестар, Македонската опера и балет, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Оркестарот на Ермитаж – Санкт Петербург, Битолската опера, ансамблите за современа музика „Алеја“ и „Контемпора“, Симфонискиот оркестар на ФМУ, камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, хоровите „Магнолија“ (Словачка), „Кантемус“ (Унгарија), „Иполитов-Иванов“ (Русија) и други симфониски, хорски и камерни состави. Во моментов Татарчевски е еден од најактивните диригенти во Македонија. Покрај редовната работа како професор на ФМУ, се јавува и како уметнички раководител на професионалниот мешан хор „Про арс“ и на Женскиот младински хор при МКЦ. Освен во Македонија, има настапувано во Португалија, Словенија, Шкотска, Белгија, Грција, Швајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија, Србија, Чешка, Бугарија, Турција, Франција, Романија, Полска, Австрија и Русија. Има освоено голем број индивидуални награди за диригирање на интернационални настани, награди на конкурси со различни инструментални и хорски ансамбли, како и наградата на СОКОМ „Георги Божиков“.