Патувањето во зима е едно посебно искуство, посебно во периодот на празниците, кога градовите се украсени и прават магична атмосфера. Посебна атмосфера додаваат и Божиќните саеми кои создаваат една целокупна празнична приказна.
Но, и нашиот град ја создава таа Зимска приказна, па битолчани и посетителите од другите градови и држави, може да уживаат во една уникатна атмосфера. Германските, австриските и швајцарските божиќни маркети се едни од најпознатите. Поаѓајќи од таа идеја во Битола во рамките на Зимската приказна, на 23.12 оваа сабота со почеток од 18 часот во Старата битолска чаршија, се организира Германски божиќен панаѓур.
Имено професорката Марина Атанасовска, во соработка со Здружението на наставници по германски јазик на Македонија, основните и средните училишта и општина Битола, за прв пат го организираат овој панаѓур. Секое училиште ќе припреми карактеристична германска храна и пијалоци, а тука ќе бидат и новогодипните изработки, Lebkuchenhetzen-препознатливите божиќни колачиња во вид на срце, Glüwein- варено вино со мирис на каранфилче за возрасните.
Покрај сето ова секое училиште ќе изведе по една божиќна песна. На настанот ќе присуствуваат и градоначалникот на Битола, претставници на Гете институтот од Скопје, како и претставници на спонзорите на овој настан.
” Целта е да се мотивираат учениците уште повеќе да го изучуваат германскиот јазик и култура и да знаат дека со познавање на јазикот можат да имаат убава работа, како сите ние од нашето здружение и во нашиот град“, ни изјави Атанасовска.
Секако со овие настани уште повеќе се доближува германската култура и традиција до сите посетители.