НУ. Народен театар Битола на овогодинешното 64. издание на Охридско лето, ќе земе учество со претставата „ГАЛЕБ“ од А.П.Чехов, во режија на Багријана Попов. Премиерата ќе биде на 22.07.2024 г. со почеток во 19.30 ч. на сцената во Долни Сарај. Во претставата играат: Јулијана Мирчевска, Борче Ѓаковски, Огнен Дранговски, Катерина Аневска- Дранговска, Васко Мавровски, Соња Ошавкова, Леонида Гулевска, Александар Димитровски, Живко Борисовски, Валентин Дамчевски. Сценографија : Валентин Светозарев, костимографија : Благој Мицевски.Режисерката за претставата ќе каже:
„Ме привлекува ова езеро, како галеб“. „Како да се разбудив и видов дека одненадеж езерото пресуши“. Во оваа претстава ја истражуваме улогата на езерото и животната средина во корелација со животите на луѓето. Галебот прикажува една еколошка средина во која што езерото, човечките односи, љубовта, животот и дивиот свет се меѓусебно поврзани и кревки. Млад човек живее покрај езеро, во провинции, изолиран. Тој сонува да биде уметник. Младата жена во која е вљубен сонува да биде актерка. Неговата мајка е позната актерка. Нејзиниот љубовник е познат писател. Оваа прекрасна, нежна претстава нè води во светот на уметноста, љубовта, сонот за слава и болната реалност на животот. Чехов ја нарече претставата комедија, но последниот момент е трагичен, со загубата на младиот Костја. Претставата ги наметнува прашањата: Како може да се избегне оваа загуба? Можеме ли подобро да се грижиме за луѓето и природата? Со актерите од Битолскиот театар го носиме галебот овде и сега, со езерото како централен карактер, суптилно влијаејќи на односите кои се одвиваат околу него. Волшебната претстава на Чехов е љубовно писмо за животот, носејќи ја нашата свест до кршливост и потребата за грижа“.Багријана Попов е наградувана театарска режисерка, драматург и актер. Соработувала со признати актери во Австралија и Европа. Нејзината верзија на „Чичко Вања“ од Чехов, во продукција со „Ла Мама“, беше изведена со високи пофалби на фестивалот во Аделаида во 2019 година. Багријана покажува длабок и траен интерес за драмите на Антон Чехов и ги има адаптирано и режирано неговите четири главни драми. Театарската адаптација на „Вишновата градина“ – на „Прогрес и меланхолија“ – освои 3 награди, меѓу кои и награда за најдобра режија. Таа предава и режира во повеќе институции во Австралија, вклучувајќи ги западно-австралиската академија за применети уметности, Викторија колеџот за уметности, Универзитетот во Тасманија, Универзитетот Ла Троб, Универзитетот Чарлс Стурт.