Во рамките на 55. издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, на 27 јули 2025 година, во Кино Манаки – Битола, се одржа промоцијата на книгата „Етнокореолошки аспекти на фестивалските сцени“ од м-р Љупка Стефановска.
Ова капитално дело ја разгледува сценската фолклорна практика низ призма на етнокореологијата – како наука која го истражува движењето, играта и кореографијата како културни и идентитетски носители. Стефановска, како магистер по етнокореологија и долгогодишен истражувач на фолклорот, преку оваа книга го документира, анализира и интерпретира процесот на сценска трансформација на фолклорните обреди и ора, од селската сцена до современиот фестивалски контекст.
Настанот го отворија визуелни проекции и традиционално добредојде во фоајето, со изложба инспирирана од самото дело. Во централниот дел од програмата, свое обраќање имаа:
– Валентин Соклевски, долгогодишен координатор на фестивалот „Илинденски денови“ и хроничар на фолклорното движење во Македонија,
– проф. д-р Владимир Јаневски, еден од водечките македонски етнокореолози и рецензент на делото,
– доц. м-р Кристијан Николовски, истражувач и теоретичар на современи сценски форми,
– и самата авторка, м-р Љупка Стефановска, која ја сподели мотивацијата и патот до ова дело.
Промоцијата беше проследена со голем интерес од страна на фолклористичката и етнолошката јавност, како и од фестивалската публика која ја препозна важноста на ова истражување за зачувување на нематеријалното културно наследство.
“Јас на сцената застанав првпат кога имав само осум години. Тоа не беше обична сцена – тоа беше мојот свет. Свет во кој звучеше тапанот, трепереа срцата, се играше со жар, и се пееше со душа. Од тој миг, сцената не беше само одреден простор, дрво под нозете или простор пред публика – таа беше место каде што живеам, дишам, се изразувам. Таа стана моето најприродно опкружување. Како минуваа годините и настапите се нижеа, љубовта растеше. Но долго време сцената ја гледав само одвнатре – како изведувач, како уметник. Ја чувствував, но не ја анализирав. Не се прашував што е тоа што се менува, што исчезнува, што останува. Не гледав што се случува зад декорот, зад формата. Дури кога застанав од другата страна – како истражувач, како етнокореолог, како педагог, почнав да гледам со поинакви очи.
Сфатив дека сцената не е само простор – таа е огледало на времето. Таа е сведоштво. Таа ни кажува како сме се менувале – не само во начините на играње, туку и во презентирањето на традицијата, во ставот кон автентичноста, кон идентитетот”, вели Стефановска.
„Книгата „Етнокореолошки аспекти за фестивалските сцени“ е мојот обид да го забележам патот – од минатото до денес, од земјените сцени до светлечките рефлектори, од народната игра до сценската адаптација и кореографија. Да ја отворам сцената како предмет на истражување, а не само на изведба. Ова дело е резултат на долг процес – на љубов, но и на прашања. На желба да разбереме зошто сцената има толкаво влијание врз тоа како ја пренесуваме традицијата, и што значи тоа за иднината на фолклорот. Се надевам дека оваа книга ќе отвори дијалог, ќе поттикне размислување и ќе ни помогне на сите – и уметници, изведувачи, стручни лица од областа на фолклорот, и културни работници – да ја разбереме сцената не само како место, туку како културен чин, жив документ на едно колективно паметење“, истакна Стефановска на крај.
Со ова дело, таа успева не само да го документира фолклорот како сценска форма, туку и да го постави во научен, културолошки и општествен контекст – нагласувајќи ја важноста на фестивалските сцени како архиви на колективната меморија.